Евгениј Николаевич Прилепин, кој пишува под името Захар, не е од Прилеп, туку од Нижни Новгород. Роден е 1975, и по завршувањето на студиите по филологија работел како носач, телохранител и новинар, пред да се придружи на специјална воена единиција, во која како капетан учествувал во анти-терористичките активности во Чеченија во 1996 и 1999. По враќањето почнал да пишува, за во 2008 да ја добие Руската национална награда за бестселер за книгата „Грев", и набргу потоа да прерасне во најзначајниот писател на модерна Русија.
Иако националист, што на прва топка би требало да го прави близок со Кремлин, тој од властите е апсен повеќе од 30 пати. Го мрази Путин и „крадците" околу него, но за разлика од либералната опозиција ги поздравува руските тенкови кога влегуваат на територии како Осетија или Абхазија. Иако сето ова делува парадоксално, не е такво ако се земат предвид премрежјата низ кои има минато неговата генерација, распадот на Советскиот Сојуз и на сета сигурност кој тој вака-така ја нудеше. Веројатно токму заради овој момент, идентификацијата со „загубените генерации" од војните во бивша Југославија, Прилепин стана читан и во нашиве краишта - Србите го имаат преведено неговиот роман „Сањичка", а и збиркава раскази „Чевли полни врела вотка".
И покрај тоа што е политички активен - беше еден од потписниците на петицијата против Путин и учесник во кампањата „Путин мора да си оди" од март 2010 - тој сепак не е „политички" писател, барем не во буквална смисла. Неговите ликови се премногу мали и незначајни пред непропорционално помоќните сили кои ги контролираат нивните животи, но истовремено во себе имаат некаква човештина, кроткост и надеж, кои не можат да не ви бидат симпатични, дури и кога се класични битанги, па дури и убијци. Секој од нив има приказна, а Прилепин, без намера некого да правда или да објаснува, е тука за да ја раскаже. За најдобро да сфатите за што се работи, неговиот според мене најдобар расказ од книгава, „Кучешко". Чехов да е жив, би позавидел.
***
КУЧЕШКО
од Захар Прилепин
Бевме без скршен динар, а требаше да ги освоиме убавите дами. Пријателот Рупчик рече:
- Ајде да направиме ражничи.
- Луд ли си Рубило? – возврати мојот батко Ваљек. – Какви ражничи? Од што? Од бреза?
Бато пушеше прегрнувајќи една бреза околу половината.
- Од куче – одговори Рупчик.
Навистина, учеше за ветеринар, но после батали.
- Од какво куче?
- Па ете, од она што лаеше на нас.
- Јас нема да јадам куче – реков.
Бате поќуте, па одлучи:
- Важи. Одам да ги викнам девојките на ражничи.
Државата беше сиромашна, а ние толку млади за да не ја слушнеме грмотевицата над главите.
Бате договори состанок за утредента. Ражничите беа пресудната причина. Девојките, изгледа, гладуваа.
Беше тоа скромно гратче, во кое по кривулестите патишта заталкаваме на гости. Ни падна во око единствената знаменитост: женскиот дом на месната средна и виша техничка школа.
Ноќевавме мачно. Газдата, кој отиде по своја работа, ни дозволи пушење во куќата, па неколку часа дувавме во таванот. Чадот цврсте висеше над нас, свиткувајќи се по рабовите.
Кучето беше во садот, во јака маринада.
Него го подготви Рупчик фантазирајќи додека работеше со биберот, солта, брашното, расолот, оцетот и сите можни треви, па дури и со пуполки – надвор е пролет, првиот навистина топол ден, толку пријатен што сакаш да го расипеш.
Пред утрото неколку пати станував, седнував покрај ванглата и душкав, ужаснат.
- Немој да го јадеш пресно – ме молеше бате поспано.
Ја голтав киселата плунка на мачнина пред повраќање.
Кога се разбудив садот го немаше.
Рупчик веќе го ложеше огнот во дворот и ги грееше рацете крај пламенот, нервозен заради ветрот. Ванглата стоеше на скалите.
- Го изнесов во лад – ми објасни.
- А ако женските проумрат? – го прашав, со врвот на чевлата допирајќи го маринираното кучешко.
Рупчик ме одмери со презрив поглед. Толку презрив што после него и јас си се погледнав самиот себе. Не забележав на себе ништо особено, достојно за толку силен презир.
- Уште никој не умрел од месо – рече Рупчик.
- И не ти е тоа некое месо – се посомневав.
- А што е тогаш куче? Печурка? – резонираше многу умно Рупчик.
Девојките пристигнаа на ручек, многу задоволни и внимателни. Додека ги запознававме, со очите го бараа јадењето.
Бате не ги мачеше со чекање: свечено ја изнесе ванглата, ја отвори, и со љубов погледна во содржината.
- Ова е моето омилено прасе – рече, намерно воздивнувајќи додека ја спушташе ванглата на земја. – Јадевме од исто шишенце.
- Толку старо прасе? – праша една од гостинките. – Или ти уште пиеш од шишенце?
- Па добро, добро – се согласи бате весело трепкајќи. – Јадевме од иста чинија...
- Што јадевте? – не престануваше гостинката.
- Чорбичка, што друго – упадна пакосно Рупчик, нижејќи маринирани парчиња на своерачно направените „жици" од зашилени гранки.
- А вкусно мириса – рече втората, принесувајќи го кон лицето готовиот ражнич, кој Рупчик и' го предаде бестрашно, сосема сигурен во квалитетот на својот труд.
Ми се смачи.
Девојката го стави ражничот над огнот. Бате, за секој случај, уште утрото донесе од реката скара, која локалните рибари ја користеа за свои потреби. Девојките, трите, седеа крај Рупчик и почнаа од него да земаат жици и да ставаат парчиња месо на скарата, испуштајќи ги за таа прилика вообичаените извици:
- О, колку е жешко! С-с-с..Се жежнав.
- Колку големо парче..Ќе изгори. Рупчик, ајде да го преполовиме.
- А тоа ќе биде моја жица. Сиромашната. Тешка осум кила..
- И ете, ви велам – го поттикнуваше разговорот бате – нашата мама го хранеше прасето со мед и млеко, па тоа порасна румено како мандарин. Се' разбираше, се одѕиваше на името..
- А како се викаше? – се заинтересираа рамнодушно.
- Тобик – не можев да се воздржам.
Бате мрдна со образот и ме погледна прекорно.
- Лете со него шетавме низ шумата – продолжи...А зиме ме возеше на санка.
- Чудна некоја свиња – се посомнева една од девојките.
- Ма, се шегува! – извика друга.
- Овде стварно сите се зафркаваат – повторно не издржав.
Откако го нанижа сето месо, Рупчик отиде во куќата и се врати носејќи огромно шише ракија. По сè изгледа девојките не ги збуни пиењето – со толку обилни ражничи беа спремни да пијат се', што ќе им дадат.
Ѝ пријдов на празната вангла и со блага јанѕа се џарев во неа, искрено очекувајќи дека на дното ќе видам заборавено парче на бушав црвенкаст опаш.
Изнесовме од куќа клупа и троножци, па изнаседнавме околу огнот, при што Рупчик стави една девојка на колено, друга ја прегрна со рака, а со отворена љубопитност гледаше во третата, која припаѓаше на бате.
Наточив и испив една ракија, додека собраните ѕвецкаа со металните чинии и го поставуваа лебот и кромидот со ражничите, кои веќе цврчеа, капејќи меко и мачно.
Јасно го чувствував мирисот на кучкарник.
До оградата притрча пес, продушка и неочекувано залаја на нас.
„Скроз сте полуделе, мамицата ваша, човекојадци" – така некако го преведов неговиот лаеж.
- Чибу! – рекоа девојките, кои вреснаа и скокнаа.
- Чибу! – повтори, со ист тон и со тенок глас бате и фрли тежок камен преку оградата.
- Па еве, рече Рупчик – ражничите се готови.
Ги симна од себе и за миг ги оттурна девојките, клекна крај огнот, но не престануваше повремено да фрла поглед во новите пријателки, како да се плашеше дека ќе ги однесе промаја или дека сите одеднаш ќе ги присвои брат ми.
А девојките црсто седеа и копнежливо гледаа во огнот. На него цврчеше месото, темно и на изглед толку тврдо, што потеклото му беше очигледно.
- Јас нема да јадам – му повторив низ заби, седнувајќи наспроти Рубик.
- Само глеј да не го пробаш – ми одговори.
- Нема ни да го пробам – одговорив.
Рупчик ја крена во вис жицата, помириса и рече:
- Угледна ѕверка.
Недалеку од куќата се слушна тажно виење на пес.
- Ако не престане, ќе имаме ражничи секој ден – рече тивко.
Рупчик и почна да ги распоредува парчињата по чиниите. И мене ми стави, битанга.
Виењето не престануваше.
- Што му е? – се чудеа девојките. – Можеби е бесен?
- А можеби сите кучиња во селово се бесни? – прашав злобно гледајќи во Рупчик, но веќе беше доцна. Не чекајќи ги момците, нашите гостинки ги забија силните заби во печеното месо, држејќи ги жиците во сигурните раце.
- Е! Е! Е! – се збуни бате. – А да наздравиме? А за познанството?
Се чукнавме. Дрмнавме. Замирисавме на кромид. И конечно се запознавме.
Виењето престана.
„Веројатно пресвиснал од срцев удар" – помислив мрачно за песот. – „Или тивко пцуејќи и ронејќи скржави кучешки солзи, си прави себеси за бесење јаже"
Се опив побргу од сите, затоа што јадев само кромид, и веќе целиот мирисав.
- Ех вие стрвници – викав дур од време на време кревав чаша матна ракија. – Ја убивте Љаља.
На гости ни дојдоа уште две кучиња, па сите не' набљудуваа низ дупките на оградата.
- Извинете не', милички – завивав. – Извинете, родени. Ако сакате, еве, изедете ја мојава рака. Сакате ли?
Им ја нудев мојата рака, која ја пружав како да е безживотна.
- Изедете ја! – ги молев. – Око за око. Заб за заб. Шепа за шепа.
- А ти немаш ни опаш, помеѓу другото – рече бате и ме врати на софрата.
И самиот, за разлика од Рупчик, малку јадеше. Но тој секогаш јаде умерено, не е стрвен.
Пред ноќта, кога се врати газдата, месото веќе беше дојадено и огнот догоруваше. Рупчик ги стискаше неговите девојки, јас тажно гледав во огнот, бате пушеше делејќи една цигара со неговата слатка и насмеана другарка.
- Па, дојде време да го решаваме проблемот каде ќе се спие – објави тој.
Девојките молчеа, се погледнуваа и од време на време и се оближнуваа. Ги гледав со грозење. Една ме гледаше заинтересирано.
Рупчик ми даваше одвратни знаци со лице, но во рамномерната пролетна полутемница веќе ништо не разликував.
Не бев во состојба да изустам ни збор, го грчев лицето и ги грицкав усните.
- Тебе ти е лошо? – праша таа и сама пелтечејќи, па со врелата рака ме помилува по главата.
- Па, каде ќе преноќиме, девојки? – праша бате гласно, уште еднаш. Газдата во такво друштво сигурно не би не' пуштил во куќата, на креветите.
- А, да дојдете кај нас? – ни предложи таа што стоеше крај мене. Нејзината врела рака беше на мојата глава, едвај излегував на крај со желбата да ја каснам.
- Што ти е? – се пријави друга, за миг ослободувајќи се од Рупчик, кој веќе ја бакнуваше во уста и и' ја придржуваше косата на тилот. – Што ти е? Таму има портир! Нема да ги пушти!
- Каков портир! – се насмеа бате. – Го нема тој портир со кој ние не можеме да излеземе на крај.
Ги понесовме остатоците ракија, му посакавме на газдата лека ноќ и тргнавме кон дома. Неколку локални кучиња се построија зад нас. Одеа по нас тивко, на извесно растојание.
Девојките повторуваа:
- Нема да ги пуштат! Не пуштаат!
Онаа што го остави Рупчик ме фати под рака и одеше крај мене трудејќи се да го усогласи нејзиниот чекор со мојот.
Рупчик нагло се опи, иако ја имаше предвид неговата алкохолна слабост и цел ден настојуваше што помалку да пие. Го придржуваше другарката, но секој миг стануваше се' поспор и потежок. Понекогаш ја зафрлаше главата и викаше.
- А имате ли вие прозорци? – праша бате.
- На приземјето има решетки. А ние сме на втори.
- Ајде да им фрлиме женска облека – предложи одеднаш мојата сопатничка гласно и радосно, така што зад нас кучињата се затресоа и малку се повлекоа. – Ќе им ги фрлиме, па ќе минат како студентки. А?
Идејата беше паметна.
Девојките ни го покажаа прозорецот од собата во која живее сите три, застанавме под него, а Рупчик го потпреа на ѕид.
Набргу прозорецот се осветли, се отвори, и одозгора, со нежна девојчинска смеа, паднаа јакна, сукња па марама.
- Рупчик, мамицата твоја, отрезни се веќе еднаш! – пцуеше бате.
Во длапките уште се држеше последниот снег, валкан и зрнест, го вадев од таму и му го триев челото на пријателот. Рупчик стенкаше и понекогаш пушташе долга плунка.
„Беснило" – бев сигурен. „Почеток на беснило".
За тоа време бате се преслекуваше, облекуваше сукња, со мака ја навлече јакната, ја забради марамата. Чевлите морам да признаам баш и не беа во склад со новата облека, но тоа речиси и не се забележуваше во мракот.
- Одиме што поблиску до влезот, ајде, ќе го насамариме портирот – предложи бате. – Кобајаги ти ќе ме следиш, ќе се обидуваш да ме бакнеш, а јас ќе ти удрам шамар и ќе влетам во фоајето, сета во солзи.
Гадливо се згрчив: и без тоа ми идеше да повратам од се' што се случуваше.
На скалите сепак го прегрнав бате а тој одлично ме удри во вилица и ме онесвести на пар секунди.
- Безобразник! – викна бате со висок глас, и со самото тоа оставениот следбеник го врати од привременото небитие.
Успеав дури и да ги видам неговите голи, прекрасно криви, непоправливо влакнести нозе во силни чевли, и шареното кратко здолниште кое ја крунисуваше сета таа убавина, додека бате ширум ја отвараше вратата и влегуваше во домот.
Минута подоцна со брзање се врати, а по него истрча портирката со џогер.
- Ѓубре едно ѓубросано! Срам да ти е! Избричи ја барем таа твоја разбојничка муцка! Па се бацуваат на влез! Педери!
Моравме да си одиме.
- Мајко моја, како одат во ова сукњите – пцуеше бате. – Јајцата ми се собираат од ладно.
- Ти имаш јајца – претпоставив. – А тие не.
Рупчик и понатаму стоеше крај ѕидот.
- Што се случи? – не' прашаа одозгора женски гласови.
- - Ни рекоа дека вие немате брадести студентки – возврати бате, вртејќи се на сите страни.
- Слушај – ми рече. – Како да видов скали тука во близина. Одиме.
Скали навистина најдовме и ги поставивме под саканиот прозорец. Но стигнуваа само до првиот спрат или малку повеќе.
Бате прв се качи, јас ги држев скалите, готови да се распаднат. На последната пречка стоеше и ги пружи рацете.
Нашите срдечни другарки му дофрлија две крпи свиткани во плетенка, бате се закачи за нив и додека го влечеа горе гребеше со нозете по ѕидот и упадна низ прозорецот.
Тутнав шише ракија под пазуви и го донесов Рупчик до скалите. Три пати му повторив како ќе стигне во топлиот дом, кај неговата страсна убавица, која се најаде кучешко.
- Разбра? – прашав уште еднаш.
- Разбрав – повтори со ехо Рупчик. Потоа ги отвори очите и за миг ми се пристори дека сепак се отрезни.
Појдов горе, бате ми пријде, се држевме еден за друг како осуденици на вечна разделба, и еве, веќе ми се смеат пијани румени женски лица, кои стигнале дури и да се разубават со свежа шминка.
- Рупчик! – викаше бате низ прозорецот. – Рупчик!
- Доаѓам – се јави Рупчик минута подоцна, како звукот да доаѓаше до него од неутврдена висина, за конечно да стигне до човечкиот слух.
Ја подигна ногата, се крена, и долго стоеше на првата пречка, навикнувајќи се на растојанието од земјата.
Малку се уморивме чекајќи го, па одлучивме да пиеме ракија.
Точевме во валкани шољи, пивнувавме, од пет страни сите грицкавме едно чоколадо. Девојките се загледаа и божем отидоа во ВЦ.
„Да не' делат" – се сетив.
Повторно гледавме низ прозорецот, Рупчик веќе беше на третото скалило.
Штом погледнав доле ми се смачи уште повеќе и за малку не исповраќав на главата на пријателот.
- Слушај, му реков на бате, убедливо и без пардон, откако се тргнав од прозорецот – јас не можам да имам работа со жени кои јаделе пес.
Бате ја наведна главата како пес и се загледа во мене.
- Во Кореја би одел во манастир – рече.
- Не можам, и готово – повторив.
- Можеби и од брат ти ќе се одречеш од истите причини?
Немав што да му кажам, немав...
Наточив уште ракија, полна шоља, ја испив на екс, се затетеравив, и треснав на кревет.
Рупчик во тоа време совлада уште неколку скалила, стигна до првиот спрат, и очигледно сметајќи дека патот му е завршен, убедливо се одби со нозете и падна од скалите на грб, во последниот снег. Лежеше таму, жив и свеж, како самоубиец.
Се вратија веселите студентки, веднаш го угасија светлото, но мене веќе ми беше сеедно.
Молњевито ме носеше во мека, ароматична, привлечна темнина, каде никој не мачи ранети души и не сече живи тела.
Некој седна на мојот кревет и ми ги допираше образите.
На необјаснив начин почувствува дека јас сум газда, не на образите туку на прстите – и тие тенки прсти се гадеа од нељубезното студенило на пијаното, бледо машко лице.
Раката исчезна и – останав сам.
- По ѓаволите! – рече бате весело.
Цела ноќ сонував дека пловам, а јарболите постојано чкрипеа.
Рано наутро се разбудив истовремено со бате. Тој се извлече под нечии нозе, крај креветот едвај го најде својот долен веш, меѓу разновидниот туѓ. Во левата рака држеше едни, а во десната други гаќи, и се прашуваше:
- Ова се изгледа моите – заклучи, препознавајќи ги по црвените и бујни цветови.
Погледнавме низ прозорецот. Рупчик и понатаму беше во снегот. Покрај него седеа и лежеа неколку кучиња.
Необично спретно се спуштивме доле, кучињата нерадо го оставија телото на РУпчик и душкајќи го воздухот, застанаа недалеку.
Очекував дека ќе видам оглодано лице, но Рупчик беше чист, ведар и румен.
Бате клекна покрај него.
- Рупчик! – го повика.
Пријателот ги отвори очите, бистри како детски, во нив се одразуваше дури и светлиот крај од небото.
- Жив ли си? – праша бате.
- Жив сум – одговори Рупчик со ведар глас.
- Одиме?
- Па, ајде – се сложи Рупчик.
Се крена и го истресе снегот од себе.
- Момчиња, добро утро! – ни викна глас одозгора и додаде, со малку понизок тон, некако поинаку, со нов тоналитет. – Здраво, Ваљенка!
- Леле! Ангели! – воздивна Ручик кревајќи го бистриот поглед.
Таа со кафените очи, што ме милуваше по глава, ни фрли три мразулци.
- Еве ви! – рече весело.
Сите три ги фати бате.
Стоевме крај Рупчик со кренати глави, и спуштени раце.
- Јас не бев таму? – ме праша безнадежно Рупчик, со глава покажувајќи кон прозорецот.
- Не, никогаш – одговорив сочувствително, како да се работеше за седмо небо.
Полека, со мамурни мускули појдовме кон автобуската; беше време да се вратиме дома.
- Како ми се случи тоа – жалеше длабоко Рупчик. – Зошто не можев да се качам на скалите...
- Да не јадеше кучешко, се' ќе беше во ред – го прекорував.
- Будало, што ти е – одговори Рупчик рамнодушно. – Кој ти е курац со тоа кучешко...Обично свинско. Го купив од локалната готвачка по дупла цена.
Патувавме во својот град, со чело ги допиравме неизбежно валканите стакла на пролетните перфирериски линии и ги гледавме руските простори. Никој не тагуваше, напротив, сите се насмевнуваа во себе: еден – на приливот на нежност, на дарежливиот вкус и мирис, друг – на чувството дека на слепоочницата му е топол, последниот овогодишен снег, а третиот – не се знае на што.
...не се знае, не се знае на што.
Превод од српски И. Ј.