Анимираната серија „Синоокиот самурај“ често со рекламира преку звучните имиња кои им ги позајмуваат гласовите на нејзините ликови - Кенет Брана, Џорџ Такеи, Мaja Eрскин. Но за ова всушност и нема потреба, бидејќи прекрасно обработената бајка за воинот „со мешана крв“ во одмаздничка мисија можела да биде снимена и со помалку познати актери и повторно да биде истоветно привлечна дури и за оние кои не се по анимираните филмови.
Јапонија, 17 век. Во периодот Едо границите на земјата се затворени и туѓинците, како и децата родени од врски на белци со Јапонки, се сметаат за „изроди“, „чудовишта“, „нечисти“. Мизу има сини очи што автоматски подразбира стигма, малтретирање од врсниците, но и тешка судбина за нејзината мајка. Откако останува сирак, Мизу е спасена од слеп изработувач на мечови, кој го зема детето за свој чирак, не знаејќи, или преправајќи се дека не знае, дека детето е всушност женско.
Паралелно со усовршувањето на занаетот, Мизу стекнува и одлични боречки вештини и израснува во лик кој потсетува на самураите од филмовите на Куросава, или на оние строги но правични одметници од каубојските филмови. Како и Ума Турман во „Кил Бил 1“ на Тарантино, снимен пред точно 20 години, каде таа патем се бори со јапонски јакузи, и синооката самурајка со безизразно лице ракува со мечовите изработени од најдобриот мајстор во земјата. Во од митолошка гледна точка ретка нарација, нејзината ултимативна цел е да го убие сопствениот татко, кого всушност и не го познава. Се зборува дека во царството во моментот има само четворица белци, во длабока илегала поради важечките правила - еден од нив мора да е тој.
Низ акциони сцени кои се течно кореографирани, со Матрикс-моменти и „сликарски“ потези на мечот кој како да нанесува боја со четка а не смртоносни повреди, сведочиме летање на прсти, излевање на црева, вадење заби, потоци крв. Сето тоа црвено во контраст со блескаво белите снежни врвови на јапонските пејзажи и светло сините очи на Мизу. Ако нешто може да му се замери на филмот, тоа не е неговата крвавост, туку прекардашувањето со girl power моментите, кои ја вклучуваат и принцезата Акеми, која не прифаќа да се омажи против својата волја. Прекрасно шармантен е пак ликот на Ринго, некој вид Санчо Панса на самурајскиот Дон Кихот.
Текстови кои излегоа по премиерата на филмот го критикуваат описот на историскиот контекст, во кој улогата на самурајот и насилството биле сведени на минимум. Истовремено, и помеѓу Јапонците имало изработувачи на огнено оружје и дека тоа не можело да биде главниот адут на белците во филмот. Но бајките не се историски документарци, па ваквите „исправки“ можат да бидат само корисно надополнување на приказната, која се надеваме ќе има уште епизоди.
Илина, Букбокс