Aлтернативна Нобелова за литература 2018

Заради сексуалниот скандал кој ја тресе Шведската академија (види тука), оваа година доделувањето на наградата за литература нема да е случи. Но кај што нема Нобелова, има Нобелова вистинска.

За да нема „дупка“ во доделувањето на престижното признание, група битни личности од областа на културата во Шведска се здружуваат за да воспостават своја верзија на Нобеловата за литература. Ова тие го прават како чин на протест заради скандалот со Жан-Клод Арно, сопруг на Катарина Фростенсон, која е писателка и членка на Шведската академија. Арно беше обвинет за силување и предвремено објавување на добитниците, по што следеше бран оставки и одложување на доделувањето на наградата за оваа година, која инаку требаше да се додели, како и вообичаено, во октомври.

Станува збор за повеќе од сто шведски писатели, актери, новинари и други познати личности кои формираат институција наречена Нова академија, која ќе додели свое признание оваа есен, односно точно кога би требало да биде објавен и „обичниот“ Нобел.

„Ја формираме Новата академија за да ги потсетиме луѓето дека книжевноста и културата воопшто треба да промовират демократија, транспарентност, емпатија и почит, без привилегии, ароганција или сексизам“, се вели во соопштението.

Изборот на добитникот ќе се врши со повикување на сите библиотекари во Шведска да номинираат автори, од каде и да е во светот. Услов е тие да имаат напишано најмалку две книги, а една од нив да е објавена во последните 10 години. Основниот квалитет кој се бара од делото односно од авторот е да има раскажано приказна „за луѓето во светот“.

Откако ќе бидат добиени номинациите, Новата академија ќе организира јавно гласање, а од четирите најпопуларни потоа победникот ќе го бира жири. Соопштението за тоа кој е добитник ќе се случи во октомври, а на 11 декември, ден откако ќе се додели признанието, Новата академија ќе се самораспушти.

2 јули 2018 - 17:43