Госпоѓо!

Ве молиме останете на Вашите седишта

Седам на аеродром и чекам да се качам на мојот евтин лет каде што можеш да си доплатиш ако сакаш да влезеш пред другите. Гледам и дека само еден возрасен брачен пар се фатил за таа услуга што може да ти се потрефи и бесплатно ако познаваш некој што работи на аеродром, because, Македонија.

Исто така гледам и дека мојот избор за животен стил, еднакво легитимен како на девојката прекриена со пелени и влажни марамици, некако не ме внесе во priority boarding, после брачниот пар, за разлика од многудетното семејство со матријархот презриво насмевнат што брзо-брзо пројде поред мене.

А нешто ми вика дека седиштата им се негде околу мене, пошо ШТО ПА ДА НЕ, ПО ТРЕТ ПАТ ГОДИНАВА?

И си викам, чекај бе, малку, ја по работа патувам, уредно плаќам карта, а сопатникот ако го имам, е тивок и никако опасен по мирот и тишината во авион. Зашо ја да чекам граѓански, само затоа што ете, не сум одлучила да се размножувам? Тоа растрчано, расшутирано куфери дете еднакво го боли уво дали ќе праи бељи во редица или во авион, со таа разлика што во авион не можеш да се спасиш.

Тие со поголеми деца ја немаат таа среќа, ама па јас ја имам таа среќа негде позади мене да го доживуваат просторот како лента за тркање со куфери на тркалца. Мижам и си викам "не изводи, деца се, си играат", но глеј чудо, џиновско длакаво дете во вид на татко се придружува со навијачки децибели и освен што го доздивува своето потомство, успева да вознемири и неколку госпоѓи, на изглед Скандинавки и на понашање дефинитивно научени дека пред да влезеш во авион мирољубиво се чека ред и се бива умен. Притоа, горенаведениот татко трапаво го усмерува залетаниот куфер во својата 5-годишна ќерка, па откако ние недолжните бавно ќе затвориме очи во знак на едно заедничко "знаев", почнува детско викање, клоцање и љутење, проследено со мешан македонски со германски од страна на таткото и извинување меѓу два реда кикотење.

Нејсе, дај Боже да сте пуни со пари секогаш, си викам, доброќудно им посакувам среќа и приватен авион во животот, и предавам бординг пас.

Одиме така по писта, а позади мене крекаат весело и напорно луѓе што многу долго време веќе не се тинејџери. Влегуваме во авион, па чекаме да седнеме, а некои од нас и се молат најпонизно да не им е седиштето до едно мало што си вриштеше така за ич ништо и мајка му што тотално не ја занимаше. Ни исплашено, ни гладно, ни жедно. Само ете, сестра му седи у средина, а он баш сакал во средина.

А големите патувачи позади:

- Ајде сега, фаќајте место!
- Не бе, Љубе, сега има број на седиште.
- Ааа, така? Девојче, стварно има број на седиште?
- Има бе, Љубе, еве!
- Да, господине, еве ви пишува на картата.
- Ааа... дека коа одевме за Шведска немаше, па кој кај стигне...
- Не, еве види, ти си 25F, ја сум 25E.
- Кое сум?!
- 25F
- А ти?
- 25E.
- Аааа. Па фино, ете, што има. Немаше, седиш како ќе фатиш место.
- Да, каква среќа ќе имаш беше. Сега има.
- Да, ја знам прошлиот пат немаше.
- Да, ново е, немаше, сега има.
- Да.
- ...
- Еее, сеа три саати, шо ќе праиме. 

А ЈА ШО ЌЕ ПРААМ БЕ, ШО СУМ 26Е??

Летаме така, секој изгњавен на различен начин и поминува некој саат. Во така стабилен авион, луѓето полека се свестуваат дека, еј, па ова е како на екскурзија, еј па чекај ќе се мењаме со места, ќе седнуваме на потпирачи за рака и ќе збориме со роднината 20 реда понатака, ќе се довикуваме преку 10 глави и дури може и да запееме! "Ој, шофере, давај гас..."

Гледам на саат, молам за светлечкото "врзете појаси" како би овие луѓе КОНЕЧНО СЕДНАЛЕ, и чекам. Доаѓа продажба на парфеми. Стјуардесите уредно објаснуваат дека не може да се проба и шприцне, заради притисокот во авион и не било добро. И како што ќе го напуштат тој ред со седишта, слушаш "фут, фут", па ќе замириса на Хуго Бос.

Доаѓа конечно спасоносниот глас, "Ве молиме врзете ги Вашите појаси и подигнете ги масичките пред вас," со најобавезно повторување, затоа што некој ете, не се знае зошто, тоа не го направил.

Доаѓа крајот. Аплауз, неизбежен.

"Ве молиме останете на Вашите седишта додека авионот сосема не... Госпоѓо... Ги молиме патниците да останат на своите... Госпоѓо, Ве молам останете на Вашето седиште! ...Благодарам. Времето во Скопје е..."

До следниот авион,

Јана

3 август 2015 - 14:54