Илинден го прославив во саканиот Сити Мол, на кафе со другарка ми Магде.
Празен трговскиот, празна Партизанска, Скопјани по викендици - најозбилно си ветувам дека од сега ќе гледам најголемите државни празници, особено тие со споени викенди ќе ги славам дома. Нема боље. Ќе одам по викенди кога е најгужва во Скопје. Греота е да го пропуштам вака питом.
На страна тоа. После славење празник, се прибрав на интернет. На Фејсбук најдов нервозни жени.
Изворот на нервозите беше ова:
...
МНОГУ ЈАК ОВОЈ, БЕ?!
Ние веќе знаеме дека јас не сум феминистка (Бекстејџ потврди), али ова е една таква воодушевувачка глупост, што се онеспособив за момент. Ме фати неспремна. Како да не сум поткована да се справам. Полека се адаптирав и почнав да размишљам.
Прва претпоставка – он се одмаздува. Веќе го замислувам, новинар е веќе, пишуе таму текстови, доживува разочарување, доаѓа дома, седнува на компјутер, „сеа ќе види козата", куца љуто – voila!
А како инаку би му паднало на памет:
„Исто како млекото и бананите, после одреден период и жените скапуваат, физички и ментално. Сте пробале некогаш млеко со поминат рок? Или, сте виделе што се случува со банана ако ја оставите и не ја изедете подолго време?"
Како бе, бананите? Како тоа скапуваат и физички и ментално? Објасни. Ако пољубиш жена „со поминат рок" дали повраќаш? Имаш ретка столица? Пиеш Ранитадин, што? Знаеш, некое дете така, јадело моркови, повраќало, повраќало, се турило од повраќање, све викало „гадни ви се морковите", и на крај откриле дека е алергично на моркови. Да не е таква работата?
И да ми се објасни „менталното" скапување како што проаѓа време. Дали жената почнува да оглупува, или да се разлошува нешо, со годините? На колку години? На колкави периоди?
Добро, си пишува. Човекот толку сака да го истакне краткиот рок на женската убавина, што сам си кажа дека не трае повеќе од 15 минути. Која мука е тоа, еј! Уште не си стигнал број да и земеш, она више грда! Џабе она што мисли дека може е секси и убава засекогаш, авторот и даде 15 минути. А затоа ја прееска се глеам во огледало, се шминкам, све супер, влагам у такси, искачам, се гледам во излог – габор! Што стана, мајката, до пред 15 минути таман си бев! Али ете, да го имав прочитано ова дело, ќе знаев и немаше да се секирам.
До пола текст више се насекирав, авторот кажуе дека девојки што на 16 (со букви: ШЕСНАЕСЕТ) се СЕКСИ, веќе на 21 стануваат „неубави". Иако авторот спаѓа во сречковците што ќе бидат згодни до свои шеесет, пошто е машко (да го видиме, ќе дае ли слика), арен ли е у тоа главата што збори? Девојките му се секси на 16, а одма откако ќе станат легални на глобално ниво му стануваат гадни? Бива ли бе, така јавно?
Од дозата на самодоверба и зналачката нота во текстот, претпоставувам дека он има пројдено доволен број на жени од различни возрасни групи, како би можел да ги донесе овие заклучоци. Како инаку би дошол до констатација:
„Човештвото никогаш не знаело за жена која останала секси засекогаш и тоа е навистина тажно, бидејќи жената е важна колку нејзиното лице, гради и задник. Кога тие ќе свиснат, таа станува скршена или зависна од дроги и се претвора во она што денеска е познато како оштетена стока".
Он е многу тажен и ќе замолам да се забележи причинско-последичниот принцип, односно ќе и свиснат градите и она станува скршена или зависна од дроги. ЗНАЧИ, ПРЕЈАК! Како бе, така од дроги ќе станела зависна? Толку ли е страшно да почнат гради да висат, ако не од сега да почнам на психијатар, да не се задрогирам на старост? Многу ми е јако како он одредува докторски и емпириски дека тоа е исходот.
А од тоа, важноста колку лицето, градите и задникот, произлегува мојата втора претпоставка:
Он трола. Се заебава. Сака да дигне прашина и да постигне читаност. Нели?
НЕЛИ?!
Еве ја го линкнав. Мислам дека е људски да искочи и да каже „се шалам, не сум толку глуп", макар и не пишувал веќе за тој сајт.
Не знам шо ќе праам ако е озбилен и ако не го направи тоа.
Ќе го заобожавам. Ќе ми стане нов омилен лик, и редовно ќе му ги пратам текстовите. Пошто јавни пишувачи од овој калибар ретко се наоѓаат, вака храбри. Мислам, колку пати сте сретнале ваква длабока мисла и ваква елементарна генијалност:
„Машките во цутот на младоста, сметаат дека нема смисла да бидат со една, туку со што повеќе жени. Исто како со млекото, кое го исфрлате кога ќе му помине рокот, така тие и ги заменуваат жените со според нив – поминат – рок."
Значи, или е заебанција, или... језиво станува.
Ако не се заебаваш, пријателе, од кај да почнам тогаш. Само еден Холивуд изобилува со мудри и презгодни жени над 50 години. Да не ги спомињам тие илјадници универзитети каде што предаваат, раководат, работат – замисли - жени, а се и згодни, богами. Или можда сите тие жени научници, лидери, претприемачи, со родени деца, со све што носи животот, па види, чудо, не се сите грди и дебели. Еве бе, нека не се пример за успешност и памет, нека се обични жени, не мора да се бистри, не мора да се вработени, не мора да ги глеаме у кино - стареат, ама се убави, фини и ментално свежи, да се изразам пригодно. Имаат над 50 и не им стои бикини како на 16-годишни (пу, штета!), ама се грижат за себе, се радуваат на возраста и искуството. И имаат покрај себе партнери и партнерки со поише од 2 грама памет, што не лупаат толку самоуверено дека ќе ги џитнат после првата брчка. Затоа што во здравите врски, нели, со повозрасни од 16 години; ако имаат среќа, луѓето заедно стареат и не се рачунаат за потрошен материјал.
Или, за да се разбереме на крај, можда им се пастеризирани жените, па затоа им траат подолго.
До наредната глупост,
Јана