И така стада жени кликаат и ревносно ги следат советите до совршениот задник и градите што секогаш будно гледаат нагоре, со желба да ги наместат да останат такви засекогаш, или барем додека не победи конечно гравитацијата што будно и стрпливо те чека веќе 40-50 години. Како референца, или „ОВА МОЖЕ ДА БИДЕТЕ И ВИЕ", ги користат инстаграмите и необавезните слики од теретана на најубавите газови и цицки на светот, кои, редно е веќе да се каже, затоа што ми е непријатно од сите заблуди – се така родени.
Во превод, ако вашите мајки, тетки и баби имаат природно сплескани и см'кнати газови, многу е веројатно дека вашиот никогаш нема да изгледа како #НајубавотоГазеНаСветот. Ако нивните гради не се онаа совршена, соблазнувачка форма од списание, веројатно и вие сте осудени цел живот да бирате совршен прслук за да го прелажете светот, или барем себеси пред огледало дека баш вашите гради не мора да гледаат на (различна) страна. И тоа е сосема во ред.
Со сите тие језиви вежбања и режими, се постигнува здравје, помалку нездрави маснотии на критичните места, евентуално борба со гравитацијата, да не виси и да не паѓа сè надоле, барем во наредните 20-30 години. Или да можеме да се видиме во огледало и да речеме „од мене толку" и да се обидеме да бидеме задоволни од тоа што го гледаме (дали некогаш ќе еволуираме до тој степен?). А ако сакате газ на кој што може да се стави шише кока-кола, или ист таков граден кош, тогаш нека не ве лаже ѓаволот (односно, супер-спремното, розевкасто списание) дека со измачување и нејадење боговска храна (Нутела) ќе го постигнете тоа. Ќе постигнете да бидете една измачена женска душа, што трепка безнадежно, додека партнерот за ручек јаде пица, и после палачинка, и после кафе, и после , што би рекол еден мој другар, „да се дојадам со сладолед". Зашто побогу да не јадам палачинки, животот ми е еден? Сте пробале ли вие Доминос? Е, па?
Факт е дека со вежбање ќе ги доведете облините до совршенство ТОЛКУ КОЛКУ ШТО ДОЗВОЛУВААТ, и не повеќе. Ако сакате да ви бидат како на слика – постои операција. И тоа е сосема во ред. Телото е твое, што има цел живот да воздивнуваш на туѓи газови (а не те ни возбудуваат), собирај си пари, па воздивнувај пред огледало од воодушевување. Што ако природата не била дарежлива, природата поклонила прекрасни умови што учеле школо за да им овозможат на незадоволните жени совршено тело за во купачи, ако веќе не им се свиѓа тоа, роденото.
Или, едноставно, ред е да се научиме дека баш и не е смак света мали цицки, сплескан гз, несовршен струк и голем нос. Мислам, јеби га. Ја не знам еве, што би им правела на големи цицки. Секогаш кога ми е голем прслукот, си делувам дебела. Не би знаела да ги носам, секоја чест на тие што знаат. А ако е смак света (како што често знае да биде, сфаќам, и јас си го студирам носот од повеќе агли, почесто отколку што би сакала да признаам), тогаш – нож. Ако вежбате, вежбајте за здравје, не се мачете до бескрај за газ што никогаш нема да биде ваш. Бидете искрени кон себе.
А пред ножот (а и пред да се онесвестите од вежбање), убаво размислете дали сте полуделе, или стварно мора.
Јана