Бебешки приказни

Бебиња се супер. Слатки, нерасипани човечки суштества, што прават смешни фаци и звуци и те тераат со саати да ги гледаш како спијат, ако ти се дома. Возбудлива е и помислата некад да имаш човече како тебе, од тебе. Ама, не мораме баш сите.

Познавам луѓе што се измислени за имање деца. Да им се воодушевуваш на жонглирањето, снаодливоста, сталоженоста со која што ги тераат на прав пат и од дубак ги учат на вистинските вредности во животот. И познавам луѓе како мене што нејќат да чујат за тој начин на живот од проста причина што – не им одговара.

Бабау! Да бе. Нè има и такви што, ЗАМИСЛИ, не гледаме пород во иднина. Што знам, на некои од нас може ќе им се деси, без разлика што не го гледаат. Може ќе им биде и најјакото нешто што им се десило. Ама на некои од нас нема. И све што ќе ви падне на памет во таквите случаи, односно, на пример: греота, срамота, штета, глупости, глупача, себична, кој ќе те чува коа ќе остареш, дали си нормална, како можеш да не сакаш, ќе ти биде криво, па ти значи не знаеш што е живот, па ти не знаеш што е љубов, па ти никад нема да доживееш што значи вистински да сакаш, па нели ти е срам – ви е едно големо и тешко

СРАЊЕ.

И тоа заедно со шегобијното, искусното и зналачкото „ај ќе те видам за некое време“ плус „шом така збориш, ти прва ќе отидеш, ќе видиш.“ Мислам, луѓето веќе ме тераат и инат да ме фаќа, па да претерувам со изјавите, само за да гледам како им носат шеќер, вода и апарат за притисок на секое мирољубиво  „па, што знам дали ќе имам деца“, и тоа не на моите дома што не ме ни замараат, него ете така, по рандом канцеларии, кафиња, гости...

Ајде да се позанимаваме со терминот себична. Пошо нели, никад не е себичЕН, НЕЛИ. Да ми се објасни сакам, на кого тоа јас му должам несебичност во однос на размножување. На светот, што веќе си ги потроши ресурсите за оваа година? На државата што трие раце да ме стаи у работно време, само затоа што морам да издржавам фамилија? На мојата потесна фамилија што си ги изгледа своите деца, и сега треба да ужива? Или на комшиите и пријателите, за конечно да прозборам на нивниот јазик и да ме сфатат, наспроти моменталното гледање чудно? И да ми се објасни, како тоа не постои друга алтернатива за тоа што сакаш да правиш кога ќе пораснеш?

Не знам дали сфаќате дека „себична“ не е навреда, туку е едноставно точно. Затоа што ми се свиѓа животот каков што ми е сега, и планирам да ми биде ваков уште долго. Затоа што мислам дека нема да ми биде ваков ко што го сакам, ако изберам да имам дете. Затоа што, ако имам дете ќе му се посветам (и тоа со љубов и задоволство) комплетно на него, а не сакам да си го посветувам животот на ништо освен на себе и на моите (веќе родени) блиски. Тоа е така сега, и џабе е секое ц’цкање, потресување и анатемизирање на ваквиот став, што гледам дека се повеќе луѓе го делат.

Пред некое време се занимавав со една хипотетичка ситуација, доколку би живееле ние во свет на обратни вредности, каде што ние, бездетните вештери сме побројни од индивидуите што сакаат потомство. Каде што би си дозволувале ние ваквите, на секое нивно „ама јас сакам да родам уште едно“ да почнуваме да ствараме неугодности што почнуваат со „ГЛУПОСТИ, БУДАЛА ЕДНА!“ Они ќе ни речат, „ама убаво ми е вака со две, сакам деца, имам пари, зошто не трето?“, а ние ќе викаме „ЛЕЛЕ НЕ МИ СЕ ВЕРУВА ШТО СЛУШАМ!“ Па, они ќе речат „ама мене ме бива за родител, види како се воспитани, зборат јазици, среќни се...“, а ние ќе викаме „КАКО МОЖЕШ ТАКА ДА ЗБОРИШ!“ со шеќерот и водата. Па да почнеме да се организираме по седници, говорници, претседателски кампањи, министерства да  се залагаме за задолжителни абортуси, затоа што *вметни идиотски, неаргументиран слоган тука*.

Познато ви е?

ГРДО, нели?! Се согласувам!

Све ми се чини дека во моментов некој си вика „не треси, тоа е природно“. Добро, добро. Како беше природното? Бираме партнер. Правиме потомство. Се грижиме за потомството додека не стане доволно силно и искусно да почне да се грижи само за себе. Па и тогаш продолжуваме да се врткаме околу него. Фин аргумент. Ајде сега сите што го користат ова како аргумент, да си го искуцаат, да го испринтаат во милион копии и да ги пратат по домовите за деца без родители ширум светот. Ако им останат копии, да си ги брцнат на едно место. Исто така, може да се искуца аргументот „жената не е комплетно остварена додека не роди“ и брзо-брзо да се прати на секоја неплодна жена во светот. Да и се каже у фаца дека никад нема да вреди ниеден нејзин труд и ниедно нејзино достигнување нема да биде вредно колку тоа едно нешто што не може да го направи. 

Мислам, не знам дали сте свесни каков терор вршите. Познавам луѓе што веќе не се осмелуваат гласно да кажат „можеби не сакам да имам деца“, само затоа што присутните се спремни да ги спалат, притоа меѓусебно тапшајќи се. А со кое право? Кујзнае, не би знаела да кажам што им се чини.

За 10 години, што се однесува до мене, може ќе биде поинаку. Може ќе ми се смени системот на вредности. И тоа пак нема да биде затоа што „конечно сум сфатила што е правилно.“

Тоа не значи дека секој што ми се качувал на глава бил во право. Тоа не значи дека секој што воопшто си дозволува да кажува како се прави, бил паметен. Напротив, бил досаден и глуп сељак.

Оној момент кога ќе сфатите дека секој човек има сопствена замисла за тоа како ќе му се одвива животот, одма ќе ви биде полесно.

Јана

Твитер
Инстаграм
nultapozitiv@yahoo.com

15 септември 2016 - 16:43