Љубов според бавчите на Трендо

По една година и кусур дружење, љубов во бавчите на Трендо.

Фаза еден: Запознавање

Бетмен: Додека со насмевка ѝ ја фаќаш фреквенцијата на која се штелува, за малку ќе направеше сообраќајка со некој кој си ја одбрал баш истата рута на движење како и ти, само во спротивен правец. Оп! Застанувате еден кон друг и започнувате да танцувате. Ти лево, тој лево. Ти десно, тој десно, во ист момент.

Eмили: Понекогаш дури не го ни гледаш ликот на тој кој го сонуваш или ликот не е тој кој е, ама ти, сеуште во сонот или во првите мигови по будењето, знаеш кој бил иако конкретно не бил.

Фаза втора: се исчекуваат, се сакаат, се посакуваат

Jана: Све заедно прават. Заедно гледаме филмови, заедно јадеме, заедно се бањаме.

Бетмен: Недела. Како по сценарио, заросува ситна роса и веднаш атмосферата станува мелодраматична, мрзоволието прогласува диктатура и сè како да застанува во место. Исчекувањето и отсуството може да се видат како флеки на ѕид.

Jана: Така, со една рака ја држам косата во истата положба, а со другата облекувам гаќи и размислувам колку тоа идиотски делува од страна. Додека да стигнам до спална и да ја закатанчам косата во таа положба, она више не е таква. И според некое глупо правило, никогаш нема пак да ми успее така. И веќе каснам.

Тихо: Пробувам пак – ништо пак. Што да се прави? Тоа е. И тргнувам пешки. Впишувам Д.К. Бојс, и ги слушам сите песни по ред. Пуштам една, ми звучи познато, беше Тука да си тука – срцето што чука. Пуштам втора, да не е таму ајкулата – а лаптопот ми пее „Опасно.. сум вљубен во тебе" – Не е ни таа... види го Јутјуб, педер... не ми ја наоѓа песната.

Меѓуфаза: ровариме кај што ќе стигнеме

Сандра: Не смо ми кумановке, нит срамежљиви, а још помалце не смо од Марс паднати. Тој што смо за разлику од други жене низ Македонију подиректни, само не прави пооригинални и поискрени од онија што ќутив како млади невесте, а овамо, роварив куде стигнев.

Бетмен: Мисионерски, дипломатски, од лустер врз кревет, на тераса, со стој на раце. Пенетрација со залет, ритмичко свршување.

Eмили: И трубиме јасно и гласно. За комшиите да пукнат од завист. Да ни биде најјако, дур ни е. Пошто трубење без сакање е главно тажна опција за забава.

Фаза три: јадење бабури за љубов, брак енд ко.

Бетмен: Имаше еден генијален твит на темава: „Ако доволно долго ја чекаш девојката која ја сакаш, сигурно ќе дочекаш да видиш како се мажи".

Сандра: Да се беше оженија за кумановку, немаше ни да помислиш да се жалиш од жене и брак.

Eмили: Не барам да се врзеш озбилно, зашто и ја не сакам да бидам врзана, зашто зборот врзан тежи самиот по себе. Врзан ме асоцира на врвка, а врвката на јазол, а еден јазол на многу јазли. Ич не мора да дефинираме. Да си кажеме дека сме врзани или дека сме во врска. Туку само да ни биде убаво дур сме.

Фаза четири: солидна љубов, малку досада и прашање дал ќе издржиш: од Куманово преку Скопје, виа Охрид до Струга

Jaна: Страшното е што од 10 „љубовни" приказни што сум ги чула, 8 се базираат на почит. Не љубов, не камшик, не хулахопки – почит. Да се утепаш.

Бетмен: Можам да замислам и дека имаат досаден секс. Тој обожава мисионерски, таа размислува за дезенот на завесите и цветниот тапацир на даската зад перницата.

Лешоски: Престанал да и кажува што му е него уствари таа
. Престанал да и шепоти на чудни јазици дури таа спие.
Почнал и тој да се плаши.
Почнал и тој да се плаши од љубовта нејзина.

Сандра: Збориш за разводи, фрљаш анатеме накуде напатен свет, а појма немаш мили попе, колко е уствари тешко да се оконча нешто што треба да трае.

Eмили: Oд сите овие недоразбирања градот врие од љубови кои завршиле уште пред да почнат.

На крајот: Вистински ли се сакаме?

Лешоски: Некогаш и не знам дали првиот збор ми бил Порше или Мама... 
знам само дека верувам во оти мора да постои таа убавина до бол на оваа земја и оти вистинска е само онаа љубов меѓу човек и машина. 

*****************

Видете си вие. Јас не донесувам заклучоци прерано, а недела не ми е за филозофии.

П.С. Колеги, ако сакате да ме тужите за недозволено превземање на делови од вашите колумни, обратете се во редакција за мојата домашна адреса. Али ја би да се запиеме ко луѓе.

 

Емили, Италија

emabela@yahoo.com

19 мај 2013 - 14:40