Италијанецот по кошулата се познава

Едвај чекав да се тргнам од италијанските глупости, ама изгледа одбрав лоша дестинација за одмор. Инвазија од Италијани. Шит. А нив, драги мои читатели (а во случајов подраги читателки) ќе ги приметите и без да ви се обратат и без да ви кажат дека се викаат Лоренцо, Чезаре или Даниеле. Ќе ги препознаете уште оддалеку, по кошулата.

Ако се врткате наоколу и се прашувате од кај доаѓа некој дечко, кога се работи за Италијанците, има некои мали ствари кои треба да ги запазите.

Прво. Кошулата. Отишол он на одмор (каде по сите холидејс-прописи, на човек треба да му е гајле за сè) и за на плажа си облекол кошула. Идиот. Само тие можат да облечат кошула која е строго плава, иштиркана, струкирана и подвратена до лактите. Ова им е аутфит за на плажа (за среќа се малцинство, но сепак, ги има), за на аперитив доцна попладне, a исто и за на вечера.

Вториот детал кој нема да ве изневери се влечките. Тие носат само Хавајанас кои неслучајно во Италија секоја година се сè поскапи. Црни или темно зелени. Вечерната верзија се мокасините, а годинава и еспадрилики. Третиот се наочарите. Персол или Реј Бан Вејферер.

Ако на рентген забележите еден или повеќе детали, на прав пат сте. Ако не сте сигурни, слушајте го нивниот зарѓан англиски. Јасно ги делат зборовите еден од друг и ја испуштаат Х (која постои во италијанската азбука само што не се изговара) и певливо изговараат на пример: "Кен-ју-елп-ми-то-фајнд-мај-отел?". Океј. Пикиран е. Нема шанси да згрешите. На вас е да одлучите дали ќе бегате ден далеку или не. ☺

Кодексот на однесување надвор од татковината е запрепастувачки. Италијанчето и во странство си сака ригорозно италијанска храна. После неколку дена од апстиненција од шпагети трча во ресторан и јаде паста која најчесто не е "ал денте". Ете, тогаш почнува да се жали како надвор од Италија сите се неспособни да сварат едни шпагети, дека истите биле несолени, лошо исцедени или преварени. Се жали зашто на пицата немало моцарела и пулпа од патлиџан. А ако се излажете да му оставите кечап на маса заедно со пицата, ќе го навредите. Сепак и покрај сè, верувајте, барем еднаш во текот на целиот годишен одмор ќе проба барем една пица или едни шпагети.

Плус, на маса сакаат сè да им стигне по нивен редослед: предјадење, прво јадење па главно зашто имаат манија да јадат врела храна. Ах, да. Не се залажувајте да им понудите локални десерти како кадаиф, локум или тулумби зашто нема да ги разберат. Ќе пробаат и со невидена љубезност ќе се извинат велејќи дека им е преполн стомакот. И ќе остават сè во чинијата. За сладоледот обично мрчат дека тие го научиле цел свет да го прави но сепак, како што се јаде сладолед во Италија, не се јаде на ниедно друго место. Невидена суета е таа нивната.

И прават хаос на маса. Невиден хаос. Ако слушнете некој да се расправа со келнери во странство, тоа се сигурно Италијани. Викаат по улица, гласно зборат, гласно се смеат, не се познати по бакшишите, ама сепак кога луѓето ќе слушнат дека збориш италијански се многу љубезни. "Италијано?"

"Да."

И почнуваат несмасно да кажуваат по некоја реченица што ја слушнале на филм. Ти нудат некои чудни пасти со пилешко (а тоа за нив е исто како да си ги опцул) или шпагети болоњезе. А мислам дека имам доволно силни адути за да ми поверувате ако ви кажам дека во Болоња не постојат шпагети болоњезе. Ги има, гледам, низ цел свет. Рагу болоњезе во Болоња се јаде во лазањи или со таљатели, никогаш со шпагети.

 

По некое време викаат: "Бела Италија!".

И ти раскажуваат кај биле, те прашуваат од каде доаѓаш ти, дали ти се допаѓа местото. (Ова нормално се случува низ цел свет освен во Франција, каде што ако можат, би те клоцнале со задоволство.) А тие со гордост ќе ви раскажат сè што ве интересира. Секогаш расположени за разговор, ќе ви дојдат во пресрет ако ги прашате било каква информација, лесно се претставуваат и со леснотија се спријателуваат, ама за ова ќе ви пишувам во некоја следна "Станица". 

Многу често по продавници, кафичи, ресторани во странство девојките отворено флертуваат со маж ми откако ќе слушнат како збори. А и тој љубезен со сите, се објаснува Итали ваму Итали таму. Jас се смешкам и си се тргам на страна. Ги оставам да си поиграат.

Не се љутам.

П.С. За да ви ги доловам кошуливе, морав да се крадам ко манијак позади луѓево и да ги сликам. Простете и на лошата резолуција.

 

Емили, од одмор

emabela@yahoo.com

15 август 2012 - 19:04