Еден ден ти ќе ми го осетиш срцето како жежок песок... ќе ми кажеш: Ти си бе, а? Ej... ти си бе?"

Не е битно дали веруваш во природа или Бога
Постојат грешки во создавањето на човека
Како што постојат луѓе со опашка
Како што постојат луѓе со две срца
Како што постојат луѓе со две различни бои на очи
Со споени грбни пршлени – сијамски близнаци
...
Така постојат и луѓе со повеќе души во телото
И тие луѓе се викаат поети.
Исти се како сите.
Исти се.
Заљубени се во обични девојки... како тебе!


Некогаш на сред ноќ.
На сред ноќ само ќе ги отворам наеднаш очите.
И ко да се спојуваат сите во мене.
Ко да доаѓаат од сите страни на векот и времето
И седнуваат дури лежам насредина до мене на мојот кревет.
Некој млад физичар од Малме од шеснаести век
Едно момче калуѓер од Тибет завиткано во кожи од лами кое лебди скрзнозе.
Еден вампир од Нирнберг кој живеел долго низ Америките
Во земјотресот во Скопје загинато мало девојче... еден куп
еден куп... премногу се!

И се мачам да заспијам се мачам ко на крстот Исус од Назарет
Потем утрото се будам тешко и ко во бунило
Ликот го плискам со вода и гледам само две очи спроти очиве..
А тие се распослани низ станот
Прашуваат: Шо праиш... кафе?
Како е таа?
Како е ?
Се видовте ли во ова време ?
Меѓу себеси се прашуваат кога пак ќе му помогнеме да се видат.
Си знае тој кога ќе ја види- си знае!
Меѓусебеси потем се договораат што да правиме ние?
Тоа што правевме и до сега низ вековите потем те едно те исто велат:
Дури не се сретнат – ќе издржиме!
Ќе издржиме!

Некогаш мислам да ги затворам во станот.
Да ја заклучам и со штица да ја исковам вратата како Којотот
Да го соберам од нив сето знаење.
Да го соберам во мене.
Да направам еден куп пари.
Да купам еден стар разрушен конак негде во планините.
Да го опшијам со плута.
Со изолации однадвор на страните.
Да го опшијам со џибиелки звучници по ќошевите по ѕидовите под фреските.
Една ноќ да земам да го запалам Поршето и да отидам таму.
Да се соблечам гол.
Надоле вертикално да си ги исечам вените.
На прегласна хипнотичка музика да се вртам ко некој дервиш во круг
Крвта дури прска надоле по ѕидовите наоколу
Од левата дури прскаат сите најнежни зборови од сите ликови - од сите души во мене
Сите најнежни зборови кои сум ги чувал за тебе
Сето најчисто сето најубаво во едноставни прости зборови кои прскаат и се пишуваат сами по ѕидовите
Од десната како шумски јаготки и дури прскаат капките и летаат нагоре
Како жар црвени ластовици со небесно плави очи
Се дури не паднам долу на каменот како на студен сив облак
Се дури не свикам во бессознание:
„Зарем само ти си убава ?"
Зарем само ти и пролетта кога те видов сте убави, а?
Зарем јас не, а?
Зарем јас не не не – кажиии кажииииии?!
И потем ги ококорам нагоре очите.
Како да гледам во јасен бел ден.
Денот кога пак ќе се сретнеме.
Како дечиња што градат замок од песок и школки.
Како момче и девојче.
Оти пролетта поминала.
Ни поминале и животите и сега лето е!
Обајцата само со долен пар купаќи
Како да ти велам: Се викам Темјан, а ти?
А ти... штом се усрамиш – десет галеби врз хоризонтот прават божјо смајли
Ќе се подредат оти ќе се сретнеме пак!
Ќе се сретнеме пак, да знаеш!
На некоја плажа негде у пизду материна ќе се сретнеме како малечко момче и малечко девојче...
Ќе ми кажеш се викам ....а.
Се викам ....а Плат и веднаш ќе знаеш.
Ќе знаеш кој сум и што сум и како ми било мене.
Само една душа да љубиш, а милион си носел во себе.
Ќе знаеш срцето како жежок песок кога ќе ми го осетиш на себе.
И срцевината од сладоледот како сируп од јагода дури ја лижеш
Ќе знаеш дека тоа била мојата љубов и моите капки крв по тебе
Еден ден ти ќе ми го осетиш срцето како жежок песок
Како да те знам – и ти отсекогаш како да ме знаеш
Ќе ми кажеш ти си бе а?
Ти си бе?
Последниве денови мислам дека сум на раб на шизофренија
Дури чекорам по улица со слушалки во ушите
непознати луѓе чинам името твое како зомби
како рипки нечујно во дел од секунда одвреме на време ми го повторуваат...
А ништо не правевме пред неколку вечери јас и ти
нишчо ... шо велет Охриѓани – ама нишчо ич!
долго не бевме видени...
а само ме собра
кај два или може три
јас бев поднапиен
поднапиена и ти
ме соблече како мајка
ми помогна да ја соблечам кошулата
потем легнавме
потем тргна да ме бациш,а јас се растурив од плачење
потем и ти почна потем јас се насмеав

и ти почна да се смееш
како музика ни се гледаа едни со други очите
како песна која ја слушаш тогаш, а позната ти е од негде
потем те гушнав со левата како принц кога граба девојка во руска сказна
главата ја потпрев на гипсот од десната како на перница и изустив тивко: ааааааах олелелеле!
потем ти во мене се втушна
потем мене ми се дигна
по неколку секунди солзите по вратот твој надоле ми течеа како по олук
како по стреа после којзнае колку време
оти никогаш ти мене како што треба ме немаше – никогаш и јас те немав тебе
Утрото те разбудив само да заклучиш,
а мене сонцето ми брцна прст во око како кога брцаш прст да отвориш
пакет кисели води или паковања од тоалетна хартија.
Претходно ти напишав кратка песна и ти ја пратив во порака
После векови на некој сервер ќе ги најдат моите до тебе никогаш не пратени писма.
Ќе видат оти писма до тебе биле, а не никаква блуткава долга и одвратна поезија
После денови јас се уште мислам пак на тебе и те сакам до шизофренија
После денови јас се уште затворам очи на секунда и вратот твој го мирисам
-не можам да те извадам од глава.
После години јас пак тебе ќе те сретнам
Ако не долу на земјата јас ка ќа те земам горе на небо како сосе ноже и вени и срце распрано
-ко во народната сосе љубовта отровна.
После години јас ќе знам дека бројките од мојата лудачка кошула биле датумите кога сме се гледале јас и ти.
Датумите од нашите неродени деца.

17 јуни 2013 - 11:57