Пријателите се пролет. Првото сонце, второто кафе, третата пијачка без која се може, а со која не се може, во ведра ноќ веднаш по зајдисонце пред да се запалат фенерите. Цутите заедно, го сркате дождот заедно. Пријателите се првомајска скара, рака ставена на рамо на пешачки премин, додавање на мал фудбал, бесполезно кафе и пријатна тишина во која се ужива во постоењето покрај некој друг. Без непотребни зборови, без празни коментари бидејќи „муабетот мора да се одржи". Јок. Ју енд јор френд, ветар во коси. Том Вејтс на звучки. Погледот го фрлате кон езерото, ќе се заглавит во некој бран, ќе попливат со делфините па ќе ви се вратит минимум за неколку минути.
Ела да те видам со девојка на прв состанок понашај се така, благо аутистично. Ќе те пријавит во полиција за психички мобинг бидејќи никако не си и укажал на то дека вечерта изгледат прекрасно (шо е твоја работа) и дека ноктите, сите различно лакирани, и се многу шик и фенси (шо пази боже да е твоја работа). Напротив, одважно си седел залегнат на стол со рацете на стомак како да му даваш бавно вештачко дишење на пупакот за да го сварит она „световното" шо си го исконзумирал. Или како да го држиш отворот на стомачниот вулкан да не еруптират бидејќи сепак, не е културно пред женска такви работи да се прает. На секоја надворешна сензација си реагирал како Киро Трајчев против Шпанија 94-та (за џуниорите: Киро Трајчев е вториот голман на мак фудбалската репрезентација, супер мустаклија). Со пријател, пријателе, не морат да се пренемагаш за такви ми ти работи. И ко ќе сте заедно, мојт да се осеќате ко да сте заедно сами. Шо е многу поубо од то да си скроз сам.
Источните езотерии магарето го тераат до магмата, навнатре, „кон себе". Сепак и самиот „шеф сале" Буда секогаш се дружел со другарчињата и поведувал умни паметни мозочиња заедно со него. Со екипа, на патот до себе-просветление. Муабетеле за стотици работи. Овие ќе го прашале нешто, Буда ќе измудрувал: „Учителе, а дали има живот во бетонските саксии на плоштад Македонија?" „Во саксиите направени од бетон секогаш се крие некаков убав живот" „А во спомениците, има ли и во нив живот?" „Мали, иди купи ми цигари и не мрси муда со стрико ти Буда". Милина им било. Лека полека, заедно, на патот до просветлението. Ако Буда немал другарчиња, ѕвонец ќе си останел. Али не бил Ла Буда, на шатро француски.
Епа, таа негова философија ми се бендисвела од секогаш.
Со пријатели, сè е поубо. Еден пријател ми тврдеше дека откако ги остаил цигарите, сè му било повкусно. Грешиш за цигарите амиго, се ти е повкусно поради поддршката од пријателите да се справиш со кризирањето во име на здравјето. Аха. Пријателите значат здравје.
Реално: со пријатели е подобро летото пошо:
* сам в кајче не се ојт никаде (да беше така кајчиња со по едно весло ќе правева),
* ниту табланет се играт (многу броење испаѓат сам да играш табланет бе)
* ниту охридски маратони на суво се тераат.
Во кафана ќе седниш, ќе нарачаш литро со литро и плашици (некаде во светот познати и како гирици шо е крајно погрешно исто како и енѕеро ама не се љутиме пошо сме добри домаќини, да!). Уплав ќе добијаш колку многу вино е едно мало „ли-ли" ако требит преќутно да си прајш емоционална дијализа во одредени моменти за такви потреби ко шо, нели, си идет чат-пат. Пријател бе ќе те сослушат. И да не те слушат, само да те гледат ко да е заинтересиран и да прајт „аха, да, мхм... ууу, невероватно", а дури ти зборвиш за благата депресија и размислите за важното во животот апропо последните случувања визави твојата средба тет-а-тет со длабокото потиснато во тебе, тој бе батка ќе си мислит, али опако жестоко внесен ќе си е, како Нејмар ќе се вклопит во тандем со Меси во Барса. Дазант метр. Пак е незаменлива коцка од мозаикот на твојот живот: некогаш е скроз добро некој да ти речит - брат, дај не го дрви, „не прави од туге науку" (шо би рекол Џ.Б.) и кажи ми дали си пробал кајгана од јајце од ној? Едно јајце за 12 души. Ако го правиш на око, киклоп кајгана ќе ти излезе". „Ама нели ти зборував за Мира... срцето ми го распарчи на илјада парчиња, ах живот проклет". „Копук, она губи бе! Ти си мој чоек иако си некогаш стварно дебил со жени, а мој чоек не сакам да се нервира. Значи, знам кај има една фарма за ноеви, може и самите да им ги породуваме јајцата. Еј, знаеш ли колку ги боли кога ги снесуваат?". Со пријателите секогаш „таа/ тој губи". Пријателите се секогаш на твоја страна. Освен кога е ептен погрешна по кривичен или уличен законик, за шо прав другар имат легитимно право и да ти здрвит едукативна заушка.
Пријател мојт да ти е подобар пријател него шо самиот мојш да си бидиш. Пријател никогаш не е деструктивно настроен кон тебе, а ти мојш да бидиш сериозно успешен во еден таков зафат со себе самиот. Пријател ко ќе речиш „Марко" ќе речит „поло". Ако ти речиш „поло" мојш да добијаш бекхенд паралела „маде голо". Некогаш и ваквата комуникација радува, исто како шо можит да ја дисекцирате „заратустра" со таратур и мастика на тераса во Претор или да ги токмите Јунг и Фројд на некоја дрвена маса шо мирисат на засушено пиво и убава претходна вечер во бар во Минхен.
Со пријатели е подобра есента зш костени сам да јајш на плоштад и да гледаш во фонтаната со лавовите дури наоколу има милијарда луѓе како на концерт на Ју Ту или на железничка во Мексико Сити, е напорно. Или нива ако имаш рецимо, без пријатели ако ја жнејш и кичма ќе си запуштиш и све. Ебате возењето на трактор без другар до тебе. Како беше народната: „Седнав да кршам камења в бубрег море, сам не го бива“. За нижење тутун не ми отварај уста. Со пријатели е подобра зимата дека ако се качвите на Монт Еверест и тебе ти се заглавит кондурата ќе слезит и ќе те земит на грб (читај: ушка) до горе. Или ќе останит до тебе да си измрзните ко црепој заедно. Гушнати и завеани со снег, да се надевате дека хеликоптер ќе дојт да ве спасит, ама спремни на најлошото. Мано а мано. Си чувате грб. Во очекување на спасувачката екипа, еден од вас предлагат песна на варијанта: „е што, да плачиме дан требит?". Никако. Со пријатели, секој ден се пејт песна. Па шо ќе бидит, ќе бидит.
За сите мои прекрасни пријатели со кои би го делел последното цигаре од кутијата, сендвич од Седмица, нај-гавранските мисли од главата, мекиците за раѓањето на моето дете, еден кревет, попладне после пичковец работен ден, тегла со феферонки, неоправдани, празници и здравици: Фала ви шо постојте :)
Покрај вас, полесно ми е да сум јас.
betmenvelit@gmail.com / @BatmanSaysT