Последните денови на пла­­нетата Земја

На Бог му требале 7 дена за да го создаде светот. Сега имаме исто толку време за да го уништиме и да ги предухитриме Маите. Нека видат како треба, тие неуки централноамерикански индијанци, кои го утнале н­­ајважното пророштво: да ги земат со резерва добрите намери на Ернан Кортез.

Ден 1

Екипирање и набавки. Националниот Ден на одмаздата кон потрошувачката кошничка. Се делиме по маала, по школи, по политичка провиниенција, по мерак, по боја на веѓи или број на патики, по музички вкус (рецимо фановите на Аца Лукас ќе си имаат – имаме! – свое гето и ќе си прават баханалии со црно тиквешко и домашни колбаси со праз дениноќ!) и правиме состанок за начелни зони на движење, да нема хаос при набавките на неопходните состојки за луксузирање во текот на последните денови (како рекол Френк Лојд Рајт: „Дај ми ги сите животни луксузи и ќе видиш дека можам и без сите неопходни работи"). Нема пазарење, туку позајмување и заменување. Позајмуваме од големите, се менуваме со еднаквите на нас. Како оди позајмувањето? Одиш во голем маркет, оставаш лична карта, вработените ја захефтуваат со фискалната и ја ставаат во сеф. Пред крај на работното време во понеделник, сите вработени во маркетот се собираат во круг, се фаќаат за раце и ја кажуваат молитвата за разденување на 22-ри декември. Нешто слично се случува и во банките, кога се во прашање кредитите, автосалоните со солзи во очи им мафтаат на автомобилите кои заминуваат на пат низ Европа или на трки низ градовите. На бензиските има гужва како на пена парти на матурска екскурзија, како во Либија на роденденот на Гадафи. Луѓе се бањаат со бензин, најпијаните и најсуеверните се спалуваат на безбедно растојание да не испаднат педери. ВМРО и СДСМ одржуваат прес конференции на секои 30 минути, сумирајќи ги штетите кои ги направиле другите. Љубе се извинува. Чедо Јаневски одржува тренинг со фудбалерите на Градски. Улици и патишта јавуваат дека половина тротоари се исчистени од мразот.

Ден 2

Жути жутују, црвени путују. Сите кои одбрале една од жестоко поволните понуди за специјален дочек на крајот на светот тргнуваат на пат. Некој со авион кон Перу, други на Гуча на вонреден самит, трети во Амстердам на разглед одблиску на каналите на Амстел. Испосниците со ранец на грб фаќаат џаде кон некоја планина. Сообраќајот здивува. Бубуљичавите тинејџери шетаат во орда низ град и ги принудуваат младите бујни тинејџерки да поведат повеќе сметка за своето здравје, овозможувајќи им бесплатен преглед за рак на дојка. Девојчињата бегаат низ цел град како разулавени, бубуљиците се истакнуваат со завидна брзина, неколкумина од нив ги рушат националните рекорди на 100, 200 и повеќе метри. Топлификација паѓа пред налетот на Здружените пиромани кои преземаат свои мерки за терморегулација на главниот град. Скопје конечно е топло место за живеење. Мирна летна вечер во домовите. Телевизиите во вонредната програма во овие денови ревносно си ја вршат својата света должност: да не не снема во бесознание за судбината на Екрем, Гандини и нивните најблиски роднини. Сите можни серии се даваат маратонски. На телоп долу одат последните информации околу бројот на пилоти аматери кои не успеале да научат да летаат со авион на прва, иако им изгледало ужасно лесно. Макрадули се самопрогласува за градоначалник на Скопје, се качува на Букефал и одбива да се симне.

Ден 3

Македонија аплицира за членство во ЕУ и бидејќи во Брисел во моментот има само запиени амбасадори и Гркот кој чува терен, а во нашата делегација има специјална единица за брзо превоспитување, веднаш сме примени под уставно име со чудна фуснота од Гркот напишана на Македонски: „Вие сте во право, јас сум педер, сите сме педери грчишта НАПРЕД ВАРДАР МАКЕДОНИЈА ДО ГРОБ". После 33 минути пијан Русин по грешка лансира проектил кон Белгија и Брисел престанува да постои. Сепак, во Македонија има прослава поради приемот и под триумфална арка парадираат измешани единици на армијата и циганите чергари, на коњи. Армискиот оркестар ја свири Ме-се-чи-на во диско ритам. Делириум, хашиш и радување на 1.500-те Русинки кои тргнаа кон Битола да го дочекаат крајот како фамилијарни дами. На плоштадите во сите градови се дели струмичка мастика и руска салата. Вечерта околу 2.000 души тргнуваат со воз на пат кон Солун, на шопинг. Тренингот на фудбалерите на Градски сè уште трае.

Ден 4

Велија е пуштен од затвор, да се брани од слобода. Саат време подоцна повторно го апсат поради лажно претставување како Ѕинго во просториите на Сител, обидувајќи се да ги заплени сите копии на турските серии при што мантрал „Мааај прешаас, мааај бјудифууул". Прогласено е слободно пушење во сите кафани во земјата кои се подготвуваат за тридневниот фестивал „Крај ми а ривер фест" во кој најспремните Македонци ќе пијат за џабе и синхронизирано ќе мочаат во 20:30 со надеж дека преку канализацијата и Вардар ќе успееме да го допоплавиме Солун, маркирајќи си територија, за секој случај. Се организираат и камповите во кои групи од по стотина волонтери апокалипто-скепцити ќе работат на преживување на крајот и создавање ново човештво. Но, не го чекаат судниот ден, туку започнуваат со работа веднаш. Атмосферата е иста како на Вудсток, само без толку многу музика.

Ден 5

Илјадници преку ноќ украдени компјутери се прегазени со багер од поборниците за враќање на книгите во рацете на читателите. Влегле во многу домови, здиплиле што им се нашло при рака а се одзива на име компјутер или лаптоп, и наместо техниката оставиле копија од „Калуѓерот кој го деактивираше својот Фејсбук". Фејсбук прогласува ден на жалост, сите млади седат дома да си го чуваат компјутерот кој ќе им е неопходен во следењето на крајот на светот. Мирно е по улиците низ градовите. Шанса гледаат вегетаријанците кои вршат организиран атак на повеќе месари, ги крадат свињите од излози и им организираат достоинствен погреб со ветување дека „на оној свет ќе бидеме другари и ќе им ебеме матер на месождерите и сите јаболка ќе им ги изедеме". Свињољупците се по кафани, запиени, несвесни за злата судба што ги снаоѓа ними омилените кралски животинки. Одеднаш по биртиите доаѓа проглас од полу-трезните кои начуле што се случува. Со тага во гласот, се дигаат чаши за прасенцата и се нарачува нова порција чварки, за нивна душа. Во Собранието на РМ врие од гужва. Додека другите спијат на уши, тие работат. Се гласаат закони за апокалиптични дневници, паѓа забраната за продажба на алкохол по 19:00, се легализира проституцијата, се декриминализира марихуаната, се распуштаат армијата и полицијата, се прогласува Рај на земјата и се упатува демарш до владите на Мексико, Хондурас и Гватемала дека ни се може и дека се наследници на копилињата кои ни го скроија крајот. Им објавуваме војна со историската „Молете бога Маите да беа во право...".

Ден 6

Хаос. Свадба. Славење. Солзи. Скарани љубовници се смируваат, откако случајно се среќаваат на една од многуте нудистички журки со потенцијален хепиенд, сфаќајќи дека најпријатно се осеќаат кога се голи еден покрај друг. Другите ги гледаат во неверување: „Како сакате, ние продолжуваме". По меаните точно се знае кој пие, а кој плаќа. Пијат сите, не плаќа никој. Се отвораат подрумите со резервите за црни денови. Поцрн од утрешниот нема да има. Сатанист и анархист се движат низ Дебар Маало и случајно влегуваат во една кафана. Откако димната магла малку се расчистува, гледаат сцена после која сатанистот се замонашува, а анархистот се пријавува во лудница. Сите го чекаат полноќ, го очекуваат крајот. Никој не знае како ќе изгледа. Дали ќе има некоја бела светлина како на Индијана Џонс кецот кога ќе го отворат ковчегот, дали катаљарда вселенски бродови со нервозни мали зелени ќе ја сардисаат планетава или некој адски ковач во срцето на Земјата ќе притисне на црвено дугме после кое ќе искусиме интерпланетарно патување во многу делови. Никој не ни го дочекува полноќ. Личната апокалипса доаѓа час порано од очекуваното. Гробна тишина во 22:00. Некој е пијан седми ден и заспива на маса во кафана, некој го затвора поклопецот на бункерот и се симнува долу со останатите преплашени. Други одамна се собрале во Витлеем и Мека, со свеќи во рака и без ништо да си кажат меѓу себе. Трети лежат дома, се прозеваат и го пуштаат филмот на кој најлесно заспиваат (пипл метрите измериле дека 83% од луѓето го гледале Перл Харбур). Таа му признава дека го изневерила 2 пати затоа што се чувствувала несакано. Тој ја брише потта, и ѝ открива дека ја љубел најмногу на свет и мислел на неа секогаш кога ќе преспиел во туѓ кревет. Се прегрнуваат свесни за тоа дека крајот сакаат да го дочекаат заедно. Се гаси светлото.

Ден 7

Шок.

Над Македонија се раѓа ново, безобразно сонце. Како после рејв журка. Како и секој обичен петок. Без метеори кои летаат кон Земјата. Нема пеколен вортекс од кој излегува Ктулу, гладен да се нагости со преполнетите Земјани, подготвени за на скара како преспански крап. По хипи-камповите за расплод, мажите кои први се будат бегаат брзо колку што ги држат нозете, бладајќи „Азил, азил, азил...". Банкарите се пресреќни и делат тринаесетта плата. Макрадули одбива да се симне од коњот. Градските татковци признаваат дека животот денеска нè изненадил, како и дека ќе ги преземат сите неопходни мерки за брза нормализација на состојбата до фаза на постепена умирачка.

Сите се трезнат и ѝ се чудат на среќата. До гуша во долгови, со тешки мамурни глави, прејадени и препиени, без никаква желба за работа, со многу „извини" за кажување, ги колнат Маите, Виолетите, Борисите, Стефаните. Во еден стан во Тафталиџе со срушен ѕид, срчи до колена и луѓе испревртени еден врз друг, се будат скоро синхронизирано двајца другари. Со поглед договараат дека е право време да се замине, газат преку заспаните убавици и лепотани и се чистат моментално пред зграда. „Абе брат, еј ама чудно се осеќам. Ко сабота, а петок е!" „Еј, да, ама пази – реално, супер е што е петок, утре не се работи." „А, што ќе правиме сега?" „Што знам... Ајде на по една жолта, ќе ни текне, сигурно."

Среќен, среќен живот.

--------------------------------
* Ако го дочекате денот потоа живи и здрави, проверете дали баш секаде така на betmenvelit@gmail.com

 

14 декември 2012 - 18:16