1. Воздухопловни закони за вештерки во Свазиленд
Откако некој приватен детектив во оваа земја бил уапсен заради нарушување на воздухопловните правила со тоа што направил самоделски дрон минатата пролет, новинарите го побарале Сабело Дламини, директор на Цивилното воздухопловство, за подетално објаснување на авијациските закони кои биле земени предвид. Тие јасно предвидуваат граница од 150 метри за лесни летала, кои можат да вклучуваат „змејови" или далечинско управувани играчки. Сепак законот покрива и едно покреативно летало: „Вештерка на метла не би смеела да лета над границата од 150 метри", а оние кои ќе го нарушат ова правило подлежат на истата казна како и останатите прекршители - апс или парична казна од повеќе од 50,000 долари.
Колку и да звучи ко виц, вештерството не е тема на која човек може да се зафркава во Свазиленд и воопшто во суб-сахарска Африка. Во овој регион дури 55% од населението верува во магепсништво. Во септември близу Зимбабве беа успасени две „вештерки" откако локалците изјавиле дека тие биле пронајдени во куќа во преедградие на Хараре „голи и со вештерски прибор, кој вклучува жив був, две кошници кои се користат за летање според локалната митологија, скелет од бабун, и портокалова супстанца во шише од Кока-кола". Подоцна двете изјавиле пред судија дека биле само платени актерки, најмени од локален „пророк" кој се надевал дека на тој начин ќе привлече приврзаници. Сепак биле казнети за помалку сериозно дело - јавен неморал.
2. Данок за вештерство во Романија
Романската влада ги оданочува занимањата како вештерка, пророк и астролог од 2011, како дел од поголема програма за зголемување на приходот на државата. Незадоволните професионалци во наведените области се собрале на брегот на Дунав и фрлиле отровна мандрагора во водата (отровна билка чиј корен наликува на човечка фигура), верувајќи дека магијата ќе ги натера владата и претседателот да ја повлечат одлуката за одземање на 16% од нивните и онака слаби приходи.
Законот сепак поминал, а романските законодавци исто така предложиле друг пропис кој би ги казнувал вештерките кои неточно ја предвидуваат иднината. Тие на ова одговориле: „Не нè обвинувајте нас, картите се криви!"
3. Магичниот полициски одред на Саудиска Арабија
Ова е веројатно најсуровото место за да се биде вештерка. Постои цел полициски одред кој е посветен на борба против вештерскиот криминал, а верски судии често ги осудуваат луѓето врз основа на докази кои се смешни. Но смртните казни кои понекогаш се изрекуваат за вакви дела воопшто не се такви. До 2011 одредот имал девет посебни бироа за борба против магесништво низ различни градови во земјата, и имале решено најмалку 586 (!) случаи на ваков криминал, главно вршен од странски прислужнички од Африка и Индонезија. Во 2012 бројката, веројатно како резултат на напорите на овој посветен одред, се намалила на 215 случаи.
4. Вештерки во централно-африканскиот судски систем
Вештерството е едно од најчестите кривични дела во Централно-африканската република, каде 40% од судските процеси се однесуваат токму на нив. На мета се особено Пигмејците, кои се често обвинувани за фрлање клетви врз непријателите па дури и за претворање во животни. На вакви обвинувања не се имуни ни децата. Дури 5% од децата кои минале низ системот на казнување малолетници во 2012 биле обвинети за магесништво. Голем дел од нив се праќаат од страна на нивните семејства во бизарни христијански центри за излекување, каде според извештаите на УНИЦЕФ свештениците „ги прскаат децата со бензин, ги трујат и ги тепаат во рамки на нешто што се нарекува обред на егзорцизам".
5. Иранскиот политички лов на вештерки
Во 2011 неколку советници и асистенти од поранешната администрација на иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад биле обвинети за занимавање со црна магија - собирање информации за „џиновите" (натприродни сили) кои работат за Мосад, ЦИА и други непријатели на иранската држава. Вообичаените прашања кон џинот биле: Дали Вашингтон има план за војна против Техеран? Дали Арапите ги трујат иранските води? Што знае Израел за иранската нуклеарна програма? Повеќе од дваесет функционери блиски на претседателот биле уапсени под обвинение дека пристапуваат на "непознати светови" и на тој начин влијаат врз политичката реалност. Еден од поранешните духовни лидери бил „повеќе од 90 отсто сигурен" дека самиот претседател бил жртва на магија. „Не е природно, ниту еден нормален човек не прави такви работи, освен ако не му е одземен здравиот разум", изјавил еден од нив.