Шпанија ќе ги спасува родителите од нивните родени џаболебари

Шпанската држава ќе им плаќа по 250 евра на млади Шпанци/Шпанки да ја пресечат папочна врска со своите родители и да се иселат од дома. Колку млади? Па до кај 35 години.

Парите ќе дојдат од Министерството за домување и со нив се опфатени сите граѓани на Шпанија до 35 години со годишен приход под 24.318 евра.

Субвенциите за напуштање на детската соба ќе траат две години.

Министерката објаснува дека финансиската помош е „важен елемент за пазарот на недвижност да престане да биде таква пречка за еманципација на младите.“

Во Шпанија во 2020 околу 55% од лицата на возраст меѓу 25 и 29 години живееле со своите родители, што е 6,5% повеќе отколку во 2013. Бројот содејствува со „ендемски високата невработеност на младите“ каде 29% од лицата под 25 години се регистрирани како невработени.

Проблемот со ваквите државни интервенции е што сега се очекува да скокне цената на киријата на малите станови што се издаваат за до 250 евра. Второ, кираџиите кои заработуваат некое евро над границата ќе се чувствуваат дискриминирани затоа што ќе треба повеќе да плата без да добијат субвенции.

21 јануари 2022 - 10:20