
Градскиот совет на Салцбург го одобри контроверзниот проект за изградба на подземна гаража во ридот под дворецот Пашингер Шлесл и за пробивање тунел од неа до центарот на градот. Волфганг Порше, сопственикот на дворецот, добил дозвола од Комисијата за градба и веќе почнале првичните градежни работи. За користење на јавното земјиште платил смешна сума од 48.000 евра.
Волфганг Порше (82), е внук на Фердинанд Порше - основачот на познатата марка автомобили - и е претседател на Надзорниот одбор на компанијата што ги поседува и Фолксваген и Ауди. Дворецот Пашингер, на ридот Капуцинберерг, го купил во 2019 година за 9 милиони евра. Пред стотина години овој имот бил дом на големиот австриски писател Штефан Цвајг, а претходно таму часови по пијано држела Нанерл, сестрата на Волфганг Амадеус Моцарт. Дворецот е на списокот светско наследство на УНЕСКО.
На градежната иницијатива попусто се спротивставиле одборниците од Зелената и Комунистичката партија, кои се жалат дека подземниот тунел е одобрен како „пристапен пат“ и затоа била повластена цената за јавното земјиште.
Сите треба да бидат еднакви пред законот. Партиите на власт одбија да поканат експерти на отворена дискусија. Од што се плашат? Се создава впечаток кај јавноста дека сè е можно за милијардерите со одлични политички врски, изјави Клаудиус Меј, советник од Комунистичката партија.
На петиција за поништување на договорот се потпишале повеќе од 20.000 граѓани кои се противат на „преференцијалниот третман на супербогатите“.
Не сакаме милијардер да копа во ридот за да пристапи до својата приватна гаража, користејќи јавен имот во заштитена приватна зона, пишува во петицијата.
Градоначалникот Бернхард Ауингер, кој работел во „Порше“ 27 години и бил претставник на синдикатот во Надзорниот одбор, вели дека е против проектот, но не можел да го запре зашто го наследил од претходната администрација.
Порше има поддршка од Мартин Заунер, задолжен за просторно планирање во покраината Салцбург.
Проектот ја поддржува градежната индустрија, го зачувува културното наследство и е целосно приватно финансиран, изјави Заунер.