Американска фирма која се занимава со маркетинг на социјални мрежи нарачала истражување за да дознае како корисниците на Фејсбук реагираат на политичките пораки на своите пријатели и сите други кои ги гледаат додека се таму. За ентузијастите, резултатите не се охрабрувачки.
Се анализирал примерок од 10.000 Фејсбук корисници и во огромен дел, политичките пораки имаат екстремно мали шанси да сменат нечие мислење. Напротив, тие најчесто ги нервираат луѓето (со спротивно мислење, не во истомислечкиот circle jerk) а знаат да бидат и причина за отпријателување.
Компанијата Рантик утврдила дека 94% од Републиканците, 92% од Демократите и 85% од Независните признале дека никогаш не ги менуваат своите политички позиции заради нечиј Фејсбук пост.
Околу две третини од учесниците во студијата оцениле дека социјалните медиуми не се соодветно место за политички дискусии а половина признале дека донесуваат судови за други врз основа на нивните политички ставови. Мал, но не и безначаен дел (12% Републиканци, 18% Демократи и 9% Независни) рекле дека прекинале некое ФБ пријателство заради политички постови.
Се разбира, фактите за тенкиот ефект на пенавењето по социјалните мрежи нема никого (ни таму, ни ваму) да откаже од намерата да се објасни и произнесе по што и да е. Затоа вашето мислење за оваа статија (и нејзината позадина, плиз!) можете ЈАСНО и ГЛАСНО да го искажете на нашата Фејсбук страница на која ќе биде споделена.