Пенито брои ситно

По речиси два и пол века ќе биде укинато американското пени со кое одамна не може ништо да се купи. Државната ковачница ќе заштеди милиони, бидејќи производството на монетата од 1 цент чини речиси четири пати повеќе. Како што инфлацијата ги јаде парите, а луѓето користат картички, денес се загрозени и банкнотите. Пенито го има по касички, тегли или дупки во каучите.

Американските монети од 1 цент ќе престанат да се коваат во САД од следната година. Министерството за финансии објави дека полека ќе го повлекува пенито од оптек и им порача на трговците да ги заокружуваат цените најблиску до 5 центи.

Цел на мерката е да се избегнат апсурдните трошоци за производство. Цената на ковање на секое пени во изминатите десет години се зголеми од 1,3 на 3,69 центи. Проекциите на Ковачницата на САД е дека за една година ќе се заштедат 56 милиони долари. Лани, на пример, биле произведени околу 3 милијарди монети, што направило трошок од 85 милиони долари.

Истражувања покажуваат дека Американците секоја година фрлаат или губат монети во вкупна вредност од 68 милиони долари. Според податоци од Федералните резерви, околу 60% од сите монети во активна циркулација, односно 14 милијарди долари, воопшто не се користат.

Американското пени беше една од првите монети направени од државната ковачница по нејзиното основање во 1792 година. Парата се намали во големина и состав, од чист бакар до мешавина од цинк и бакар.

Иницијативи за укинување на пенито имало одамна, уште од мандатот на Барак Обама. Аргументот на конгресмените што сакаат да ги задржат е дека постоењето на пенито ќе ги одржи цените пониски и ќе поттикне собирање средства за добротворни цели. Некои трговци сè уште на акција симболично нудат производи „за едно пени“.

Пенито понекогаш им служи и на инаетчии за да платат сметки што ги сметаат за превисоки. Ги истураат од кофи и колички, а службениците на шалтерот се должни да ги примат, да ги избројат до последното и да вратат кусур ако е потребно.

23 мај 2025 - 13:15