Најважниот телефонски повик (што нема да го добиете)

За еден месец од сега, Швеѓанец по име Стафан Нормак ќе се јави на неколку телефонски броеви низ светот и потоа ќе им честита. Ако ви се случи ова, тогаш и од нас честито Нобелова награда.

Професорот Нормак е постојан секретар на Кралската шведска академија на науките, и негова главна задача во текот на годината е да им се јави на добитниците на Нобелова награда за хемија, физика и економија.

"Им кажуваме дека ова е многу важен повик. Многу. Важен. Повик. Од Стокхолм," изјавил Нормак во интервју за Економист.

Иако наградите се даваат за сериозна работа, на сериозни луѓе, сепак најголемиот дел од лауреатите прво нешто што помислуваат кога ќе им се јави Нормак е дека некој ги зафркава, како минатогодишниот добитник на Нобел за медицина, Џон Гурдон, кој ја освои наградата за истражување кое го направил пред 50 години.

Генерално добитниците се согласуваат дека наградите го менуваат човекот лично и професионално. Бил Филипс (физика, 1997-ма) во едно интервју изјави дека по наградата се обидува да се снајде со сите барања за држење говори што ги добива. Френк Вилчзек (физика, 2004-та) за Гардијан изјави дека "главна лоша страна на наградата се искушенијата, посебно искушенијата да се одмараш на своите награди, двојно поголемото искушение да бидеш арогантен околу големите прашања."

18 септември 2013 - 10:10