Лук Брет Мур на 22 години за првпат останал без работа. Плус раскинал со девојката. Помислил дека доаѓа заебан период, за враќање на ратите и сè друго. Но иако салдото се празнело, неговите уплати поминувале лесно.
Платил неколку рати и осигурувања, потоа побарал да му бидат префрлени 500 долари, а кога тоа поминало, го повторил барањето, само со 5.000 долари. Сè поминало мазно.
Сфатил тој дека е некоја грешка во прашање, но не се бунел. 12 месеци дигал пари колку што ќе посакал.
Се почастил со Алфа Ромео 156. Па купил Хјундаи Велостер само за со него да отпатува до Сиднеј за да си купи Масерати.
„Беше тоа неверојатно време. Го правев она што би го правел секој на моја возраст кога би бил полн со пари. Потрошив стотици илјади долари на девојки, алкохол, кокаин и слично“, вели Мур.
Бајката траела сè додека некој не чукнал на неговата врата. Полицијата го однела во притвор, а судот го пратил во затвор од 4,5 години поради стекнување финансиска корист со измама.
Не бил задоволен како во случајот го бранеле службено доделените адвокати, па 6 месеци во затвор проучувал правна литература. Решил да го обжали случајот, да се брани сам и успеал да излезе.
Докажал дека не бил обврзан на банката да ѝ сугерира за грешката. Судијата проценил дека играл нечесно, но за морални грешки не секогаш се оди во затвор.
Вели дека иако поминал неповторливо забавни времиња, не би го повторил истото бидејќи подоцна комплетно си го уништил животот. Сега студира право со намера да стане адвокат.