Чарлс Спенс е истражувач во лабораторијата Кросмодал на Универзитетот Оксфорд, во која се истражува заемодејството помеѓу петте сетила - допирот, вкусот, мирисот, видот и слухот. Еден од нивните заклучоци е дека одредена висина на тон е поврзана со соодветен вкус, па високите тонови главно се асоцирани со слатка и киселкаста храна, а ниските со горчливи вкусови.
Тоа значи дека вкусот на одредена храна може да се доживува различно во зависност од тоа која музика се слуша за време на оброкот. Во една од студиите учесниците јаделе парчиња карамела додека слушале различни мелодии - едни со повисоки тонови, други со пониски. Резултатот излегол вистинска симфонија на слатко-горчливо, бидејќи учесниците сметале дека карамелата е послатка кога ја слушале првата музика а погорчлива за време на втората, иако се разбира таа била идентична во обата случаи.
Ова сознание Спенс го искористил за во соработка со уметницата Каролин Хобкисон да создаде „сонично колаче" во еден експериментален ресторан во Лондон. Се работи за чоколаден десерт кој се служи со телефонски број. Откако ќе свртите на бројот можете да одлучите да притиснете 1 за посладок десерт или 2 за погрочлив, по што ви се пушта соодветната музика. Резултатите покажуваат дека менувањето на звучниот пејсаж резултирало со 5-10% промена во степенувањето на горчливоста односно на слаткоста.
Спенс исто така неодамна ја создал Sonic Seasoning, плејлиста од 13 мелодии за Бритиш Ервејс, дизајнирана така за да влијае врз вкусот на храната на менито. На пример, кафето е придружено со Несум Дорма испеана од Пласидо Доминго, затоа што горчливоста на кафето добро оди со ниските тонови на тенорот.
Долгорочна цел на Спенс е поврзаноста на музиката и вкусот да се искористи за поздрав начин на исхрана. Засега е полесно да се работи на понискиот внес на шеќер, бидејќи овој процес полесно може да се разбере отколку оној за влијанието на музиката врз соленоста на храната.
Испробајте ја вашата врска помеѓу звуците и храната со овој интересен тест. Нам тоа првите рајски ѕвончиња додуше ни асоцираа на пушени ребра, ама бидејќи немаше таква опција кликнавме на тортата.