Градски птици со добра причина се навлекле на цигари

Некои видови птици што живеат во урбани средини развиле навика да собираат отпушоци од цигари. Не вдишуваат чад ниту го колваат тутунот и не се зависни од никотинот како пушачите. Токсините од отпушоците ги користат за прочистување на гнездата од крлежи, болви и други паразити. Ете барем некаква утеха за пушачите дека придонесуваат за поздрава природа.

Истражувачи од Универзитетот во Лоѓ откриле дека испарливите соединенија што се таложат во остатоците од цигарите помагаат за прочистување на паразитите во гнездата на модроглавите сипки (Cyanistes caeruleus, слични на врапчиња).

Отпушоците содржат околу 4.000 разни хемиски соединенија, вклучувајќи и отровни како никотин, арсен и тешки метали. Сипките прават гнезда во природни шуплини или куќички поставени од луѓето. Гнездата се идеална средина за развој на паразити што цицаат крв - крлежи, болви и мушички, кои ги напаѓаат птиците што ги лежат јајцата или беспомошните пилиња.

Истражувачите од Лоѓ го следеле здравјето на 99 птици изведени во три различни видови кутии за гнездење. Стандардни кутии служеле како контролна група, други биле опремени со гнезда од стерилизиран вештачки мов и памук, а во трета група биле поставени по два отпушоци од цигари.

Тринаесет дена по изведувањето, на по три пиленца од секое гнездо им зеле крв заради испитувања. Крвните анализи покажале дека пилињата и во стерилните гнезда и оние со отпушоци од цигари биле поздрави од оние во нетретираните гнезда.

Биле анализирани и популациите на паразити во целите гнезда. Во стерилизираните ги имало најмалку, најмногу имало во обичните, а во оние со отпушоци имало помалку мушички и болви.

Новото истражување во Полска се поклопува со претходни откритија од слични експерименти во јужноамерикански земји.

Константино Масијас Гарсија, еколог од национален универзитет во Мексико, забележа дека во неговите опити биле постигнати посилни ефекти на чистење паразити, веројатно затоа што мексиканските врапчиња стекнале навика самите да ги дробат цигарите во гнездата.

Кога птиците шират влакна од филтрите за цигари, репелентите имаат поголем контакт со пилињата. Скромниот ефект во новата студија може да е резултат на користење само на два отпушоци, оцени Гарсија.

Лабораториско истражување на крвопијните муви што ги напаѓаат гнездата на зеби на Галапагос покажало дека паразитите изложени на тутун имале намалена стапка на преживување.

Експеримент во Мексико Сити покажал дека домашните врапчиња додаваат повеќе отпушоци во гнездата кога има повеќе крлежи. Во ова истражување бил забележан и подобрен имунитет кај пилињата, но и генетски оштетувања поради изложеност на отпушоци. Долгорочните влијанија не се испитани.

25 март 2026 - 13:14