Близнаците кои завршија на различна страна

На фина возраст почина и вториот од најпроучуваните идентични близнаци на светот. Разделени уште како бебиња, по многу години дознаваат дека се исти дури и во неверојатно ситни детали. Освен што едниот станува нацист а другиот Евреј.   

Џек Јуфе и Оскар биле раздвоени и со децении и со океани за кога доаѓа време првпат да се сретнат, секој од својата страна на светот да дојде со комплетно иста облека како другиот.

Попат им станува јасно дека и чекорат исто, имаат ист темперамент, исти тикови, двајцата сакаат путер и зачинета храна и имаат иста занимација, да плашат луѓе со своето експлозивно кивање.

Родени се во Тринидад а раздвоени после само 6 месеци кога нивните родители се решаваат на развод. Оскар го зема мајка им, католик од Германија. Џек Јуфе кој деновиве почина на 82 годишна возраст му е доделен на таткото, инаку Евреј. Расте во духот на таа традиција, едно време живее во Венецуела кај тетка му која е преживеан логораш од Дахау а на 16 години, со таткото се преселуваат во Израел. 

Оскар бил советуван од дедо му никому да не кажува дека татко му е Евреј. Се зачленил во хитлеровиот подмладок. Џек пак, ѝ се придружува на морнарица на спротивната страна. Многу подоцна сфаќаат дека во воените времиња и двајцата имале ист кошмар: дека во битка го убиваат својот брат близнак.

За првпат се среќаваат на 21 годишна возраст. Заради јазичните бариери, не успеале да си кажат многу. Само им останало чудењето што другиот се облекува толку исто, има исти мустаќи и исти наочари. 

Пак пауза од 25 години кога биле викнати во Минесота, да бидат предмет на едно научно истражување на близнаци, заедно со уште137 близначки двојки. Џек и Оскар биле особено занимливи заради драматичните разлики во околините во кои растеле. Меѓу нив се развила повеќе компетиција отколку љубов. Исти по темперамент, брзина на говор, исти дури и во тоа што и двајцата сакале да маваат луѓе со ластичиња, Џејк и Оскар биле во постојанo ривалство за тоа кој е подобар. Се карале дури и на тема чија техника за чистење шофершајбна е поефикасна.

Оскар починал во 1997-ма.

16 ноември 2015 - 12:24