Скот Кели: Ги одгледав сите сезони на „Game of Thrones“ - два пати
Скот Кели минал речиси една година на Меѓународната вселенска станица. Во осврт за Њујорк Тајмс признава дека не било лесно. Нему му било корисно да има план и да се држи до него.
„Кога се вратив на Земјата, ми недостасуваше таа среденост и испланираност.“
Кели предупредува да не дозволувате работата да ви го изеде целото време и дека мора да најдете време за некоја забава. Тој со екипата правеле филмски вечери (со грицки и пијачки) и ги бинџале епизодите на GoT.
Потсетува и да го правите она што тој не можел - што почесто да се частите со свеж воздух.
„После неколку месеци затворен во мал простор, почна да ми фалат природните нешта - зелената боја, мирисот на свежа прашина, чувството на топло сонце на моето лице“.
Тој успеал со себе да понесе и физички книги, што е еден од најскапите багажи во ракета, со оглед на тежината и цената на лансирањето. Но, се исплатело. Мирот и задлабоченоста кои ги носи читањето стара добра книга (без нотификации, линкови и пингања) се драгоцен луксуз во такви ситуации.
Пеги Витсон: Мора да најдете начин постојано да сте во комуникација
Пеги тврди дека продолжена изолација не е страшна работа и дека никогаш не ѝ било досадно на станицата. По неа, искрената и отворена комуникација со оние во ваша близина е клучна за атмосферата. Она што почнува да ти се мота по глава да не го држиш долго време таму туку да го споделиш со останатите.
И да се има чувство за „вишата цел“ на изолацијата. Во нивниот случај тоа било успех на мисијата, во случајот со ковид -19 виша цел на вашиот карантин е да спасите човечки животи.
Сè на сè, таа смета дека изолацијата е драгоцен подарок.
„Нашите животи се презафатени и загушени. Потсетете се на она што обично често се прашуваме во регуларни услови - ех, да имав време... Што е тоа што сте сакале да го правите а сте се ваделе на немање време?“
Од останатите совети на астронаути чии совети ги пренесува Бизнис инсајдер се повторуваат: квалитетната комуникација, почитувањето на разликите, нудењето решенија а не само нафрлување проблеми, правење баланс меѓу работата и другите елементи на животот, поставување цели и - акција.