Сан Франциско, градот на хуманоста. НЕ!

Богаташите на Сан Франциско се организираа и успеаа да соберат 46.000 долари од хуманитарни побуди - да не се гради засолниште за бездомници во една најпосакуваните населби во градот.

За нив малку е разочарувачки што не успеале да соберат ниту половина од посакуваните 100.000 долари, пари кои требало да бидат искористени за да се плати адвокат што треба да ја истера целата работа пред властите и да ја блокира градбата.

Парите се собрани преку кампања на GoFundMe. Откако се расчу за целиот скандал, на GoFundMe, (сајт главно познат по собирање пари за медицински потреби или помагање во несреќи) се појави контра кампања на која директно од GoFundMe се донирани 5.000 долари.

Преуспешните технолошки компании од околината на Сан Франциско со стотици илјади вработени предизвикаа криза за домување во градот, кревајќи ги цените на киријата и општо животот во градот на баснословни нивоа. Како резултат на ова градот се најде сред криза на бездомници.

Моментално во Сан Франциско има сместување за 7.500 бездомници, а градот најави дека треба да се отворат уште 1.400 места, од кои дел требаше да биде на сега оспорената локација.

„Луѓето сакаат да ги решиме предизвиците и да им помогнеме на нашите граѓани без кров над главата да добијат засолниште, јас сум посветена на завршување на овој проект.

Меѓутоа е крајно фрустрирачки и разочарувачки што во моментот кога ќе објавиме решение за изградба на ново засолниште, луѓето ќе почнат да излегуваат со правни закани,“ изјави градоначалничката на Сан Франциско, Лондон Брид.

Адвокатот кој го ангажираат загрижените богаташи е истиот што во 2017 успеа да го одбрани сопственикот на недвижности кој за три пати им ја зголеми киријата на своите кираџии од 1.900 на 6.700 долари месечно.

               

29 март 2019 - 10:19