110 професионални тела од Каталонија потпишаа план за измена на дневното работно време во регионот, со кој се скратува паузата од 3 часа за вработените да можат порано да си заминат дома. Целата работа ќе се тера по шпанско темпо, па се очекува да биде завршена во 2025.
Вообичаениот работен ден во Шпанија започнува меѓу 8 и 9 наутро, а работниците паузата за ручек ја добиваат некаде околу 13:30 и 14:30 часот. Од тука тие имаат цели 3 часа да истераат ручек и да одморат. Најголем дел од продавниците и фирмите се затворени до доцна на пладне, пред да отворат за последниот напор на денот меѓу 17:30 и 20 часот (или од 16 до 19 часот).
Еден од проблемите доаѓа токму од тоа што Шпанците баш и не се такви мрзи па да џаболебарат 3 часа во денот, туку добар дел од нив не прваат пауза повеќе од 1 час, и се враќаат на работа. И покрај ваквата свесност или одбивање да губат време, работодавците повторно од нив најчесто бараат тие да останат на работа како 3 часа да одморале.
Во времето кога тие се прибираат дома, најголемиот дел од остатокот од Европа веќе е завршен со вечера, додека кај Шпанците таа не почнува пред 22 часот, што дополнително го одложува легнувањето за спиење. Поради ваквите навики Шпанија има сосема поинаков ТВ-распоред, па финалето на Мастер шеф јуниор, наменето за помлада публика, заврши во 1 часот наутро, на работен ден.
Шпанската пракса има смисла од историски контекст. Во времето додека се оформува оваа навика Шпанците немаат клима уреди за да се справат со летните температури. Бидејќи тогаш нивните работни места се во близина на нивните домови, има многу логика во тоа тие да прекинат со работа додека да се стиши горештината и да продолжат во попладневните часови. Работниците одат дома, ручаат, отспиваат една партија и се враќаат назад на работа во поопуштени температури.
Затоа што изминатите неколку децении сè помалку Шпанци работат близу до дома, полека почна да се губи навиката за преспивање дома, плус се губи и еден од главните столбови на овој обичај, жените повеќе не се домаќинки кои седат дома и готват ручек, туку и тие се на работа.
Дури и да се направи оваа промена, забелешката е дека Шпанците пак до касно ќе дремат на работа, затоа што земјата и понатаму тера во погрешна временска зона, на времето воведена Франко за синхронизирање со нацистичките сојузници, наместо да биде онаму каде што природно припаѓа со Португалија и Британија. (Речиси цела Шпанија се наоѓа позападно од Лондон, а саатот го навива по временска зона на Берлин).