Броднакс беше осуден на смртна казна за убиството на Стивен Свон и Метју Батлер додека го крадел нивниот автомобил во предградие на Далас во 2008 година.
Случајот е индикативен за системот и прибегнувањето кон смртната казна - пред некоја недела, братучедот на Броднакс, Демариус Камингс, призна дека тој ги убил жртвите и го убедил Броднакс да ја преземе вината бидејќи дотогаш имал чисто досие.
„Раперското прашање“ е поширок проблем и доколку Врховниот суд реши да се занимава со тоа, би можело да има сеопфатни импликации низ целата земја за случаите кога обвинителите ги вклучуваат рап текстовите во доказната постапка. На таков начин се судени Јанг Таг, Лил Дарк, Drakeo the Ruler....
За разлика од нив, Броднакс никогаш не бил познат. Немаше шанси да се прослави со својата музика бидејќи имал 19 години кога беше уапсен, а на неговото судење во 2009 година, обвинителите претставиле како докази над 40 страници од неговите рачно напишани текстови.
(“Hogtie ‘em and body bag ‘em / Send them to the mayor / Then I bombed the whole country / Send the press, the paper.”)
Адвокатите на Броднакс се жалеа дека нивниот клиент немал фер судење откако неговата уметност била толкувана како буквално признание на криминал.
„Се користат расните стереотипи што најчесто се поврзуваат со рап текстовите и црната заедница за да го претворат уметничкиот израз на г-дин Броднакс во смртна казна“, пишуваат во петицијата до Врховниот суд.
Притоа, рапот се третира со посебни стандарди во однос на останатата музика: на пример, никој не тврди дека Џони Кеш стварно убил човек во Рино или дека Марли го упуцал шерифот.

Истражувачи имаат собрано база на случаи во кои од 80-тие до сега биле користени рап текстови во судски предмети. Имаат 800 такви случаи но реалната бројка веројатно е со една нула повеќе.
Социјалните медиуми на сите им го олеснија објавувањето музика, но и на полицијата и обвинителите да ја пронајдат. Пред 2010-тите, полицијата барала касети меѓу предметите на обвинетите или морала да краде рачно напишани текстови од затворските ќелии, каков што бил случајот со Броднакс.
На сајтот на затворот и натаму стои закажаната егзекуција и засега нема официјално помилување од гувернерот Грег Абот и одборот за помилувања.