Кога еден извршен директор на Фокс њуз неодамна беше набркан заради расистички коментари, телевизиската куќа гордо соопшти:
„Во нашата компанија нема место за такво однесување“
Поточно ќе беше ако кажеа дека има само едно такво место, ама го држи Бил О Рајли. На негова душа одат многу работи: шпекулираше околу муслиманската облека на Обама на една свадба, за Афроамериканците вели дека не се образувани и имаат тетоважи на челата, се одушевуваше од работните услови на робовите кои ја граделе Белата куќа, со куп фактични лаги разгоруваше воени страсти околу Фокландските острови, Ел Салвадор или Северна Ирска, неговата последна биографија се отрфла како тотална фабрикација на вистината.
А 67 годишниот вампир знае да се пушта и по колешки, користејќи ја својата влијателност за добивање сексуални услуги. Барем три вакви случаи Фокс ги платил со милиони за проблемот да се реши вонсудски а деталите да не дојдат до јавноста.
Сето ова се толерира само заради една - во капитализмот пресудна - работа: парите. Меѓу сите големи телевизиски куќи и нивните тв пулени, Бил О Рајли успева цели 17 години да носи најмногу гледачи пред телевизор.
Форбс пишува дека тој има 111 милиони причини да се чувствува безбеден на своето работно место, колку што за само една година му има донесено долари на работодавецот, односно акционерите. А за претходните две години тој на својата куќа ѝ има генерирано приход од 446 милиони долари.
И ќе биде безбеден сè додека е така, односно сè додека неговите шефови ги интересира само цифрата на вкупниот есап. Или пак додека не направи нешто што ќе им наштети на битните акционери.