Кога работите ќе ги кажеш со правото име

Еден универзитетски курс предизвикал значајно поголем интерес без да менува ништо во својата содржина. Го сменил само својот наслов, од стандардното и здодевно „Медиумска писменост“ во нешто што е слично на една наша рубрика. „Името ме купи,“ признава еден студент.

Од 1.681 курс (!) што оваа есен ги нуди Универзитетот во Монтана, најголем пораст на интересот има кај курсот за медиумска писменост, не заради содржината туку заради новото име на курсот: Calling Bull**** (ѕвездичките се политички коректна маска за 'shit').

Станува збор за онлајн курс кој се бави со темата зошто е толку лесно да се шират дезинформации и невистини и зошто е толку тешко да се бориме против нив, a истражува и што можат граѓаните да направат за да станат подобри потрошувачи и производители на фактички информации.

„Се работи за информациска (не информатичка - н.з.) писменост. Луѓето треба да бидат и подобри споделувачи на информации и подобри корисници на информации“, вели инструкторот на курсот, професор и директор на Факултетот за новинарство на Монтана.

Признава дека зголемениот интерес главно се должи на провокативниот наслов на курсот кој до лани здодевно се викал „Медиумска писменост.“

Минатата школска година имале 20 заинтересирани. Сега, за „Calling Bullshit“ се пријавиле 120 лица.

* Нашиот „Булшит детектор“ е тука

**********

Набаценка од читател:

Здраво Трендо, 

Не мора да одиме до Монтана, имаме и поблиски примери. 

Жива вистина. 

Прв академски час на Факултет за земјодески науки и храна во Скопје. 

Предавална за околу 20тина студенти. 

Влегува професор, ги поздравува новите колеги, зачудено ги гледа и им вели:

-Ех бе колеги, смерот ко се викаше Сточарство, на еден запишан студент се радувавме. Сега, кога го прекрстивме во Анимална биотехнологија, предавалнава ни е мала… 

поздрав!
Никола

 

Поздрав !!

6 септември 2023 - 12:46