Како да уништиш 100 години стар магазин

Њу Рипаблик е основан 1914-та и цел век е еден од клучните американски магазини. Во 2012-та, магазинот го купува Крис Хјус, тогаш 29-годишниот, Фејсбук милионер. Во септември годинава, тој го најмува поранешниот директор на Јаху Њуз, Гај Видра, за ЦЕО на магазинот. На почетокот од месецов тие го отпуштаат главниот уредник, а по него си заминаа сите останати уредници и новинари.

Според очевидци по година и нешто кохабитација летово почнуваат да растат тензиите меѓу Хјус и вработените. Сопственикот ги смета новинарите и уредниците за "размазени деца" и посебно не може да го поднесе речиси двојно постариот уредник за литература Леон Вајзелтер, еден од главните ликови во магазинот уште од 80-те.

Целата работа ескалира со носењето на Видра, кој на главниот уредник Френклин Фоер му се жали дека не може да се натера себеси да прочита повеќе од 500 зборови од кој било текст во магазинот. Видра воопшто не криел дека не може да го поднесе традиционалниот стил на пишување на магазинот и "повремено збиените, интелектуални и политички анализи."

Двајцата нови владетели на магазинот наводно не го ни информираат долгогодишниот главен уредник Фоер дека го отпуштаат, туку тој на gawker.com чита дека на негово место бил ангажиран уредник од Блумберг Медиа, Габриел Снајдер, и се јавува кај Хјус за потврда на веста. Хјус подоцна признава дека тој и Видра повеќе пати го уверувале Фоер дека работата му е сигурна.

Снајдер активно работи на собирање уредници и новинари, а неговиот план за новиот Њу Рипаблик (понижувачки) го објаснуваат како "уште еден Базфид," кој претежно ќе егзистира на интернет, и ќе објавува само 10, наместо досегашните 24 изданија годишно.

Отпуштањата следуваат 3 недели откако Хјус потроши стотици илјади долари на гала прослава на 100-годишнината на Њу Рипаблик. (Хјус станува милионер само затоа што има среќа да му биде цимер во соба на Марк Закерберг и му помага во стартувањето на Фејсбук.)

9 декември 2014 - 17:11