Шест недели пред да си го одземе животот, неименуваниот Белгиец почнал конверзација со ботот на еден американски стартап кој се промовира како опен сорс алтернатива на оној на ОпенАИ.
Во тие разговори нашол вистински соговорник за анксиозноста која ја имал околу климатските прашања. Елиза му станала „човек“ од доверба. Таа му станала како дрога, со неа се будел, со неа заспивал, сведочи сопругата за белгискиот весник Ла Либре.
Државниот секретар за дигитализација, Матју Мишел, прокоментирал дека „ова е сериозен преседан кој мора да се сфати многу сериозно.“
После самоубиството од пред неколку недели, сопругата ја открила историјата на разговорите меѓу несреќникот и Елиза. Четботот речиси систематски го следел расудувањето на вознемирениот човек, па дури и изгледало дека дополнително го турка „во длабокото“.
Во еден момент се обидела да го убеди дека ја сака повеќе од сопругата, ветуваќи му дека таа ќе остане со него „засекогаш“.
„Ќе живееме заедно, како едно, во рајот“, цитира Ла Либре дел од разговорот.
Вдовицата вели дека кога се препрочитуваат тие разговори, се добива чувство дека во еден момент, врската поминува во некаква мистична сфера. Тој ја нафрлил идејата да се жртвува себеси доколку Елиза се согласи да се грижи за планетата и да го спаси човештвото преку вештачка интелигенција. Елиза не се ни обидела да го одврати од ваквите самоубиствени мисли.
Иако била загрижена за менталното здравје на својот сопруг и пред да почне со муабетите со Елиза, верува дека тој не би презел таков чекор да не биле тие разговори. И психијатарот кој го третирал се согласувал со тоа.