Зошто никој не може да разликува добро од лошо вино

Веста се однесува за оние што мислат дека можат да разликуваат арома, нијанси и ноти во виното. Оние што се задоволни со основната поделба на бело и црвено, можат да продолжат да уживаат.

Не се работи за навреда на интелигенцијата, ниту на сетилата, туку едноставно луѓето не можат ни приближно да го познаат вкусот на виното како што тие тоа го замислуваат.

Еден од луѓето кој сериозно го докажува ова е францускиот научник Фредерик Броше, кој успеа да измами 54 професионалци подметнувајќи им бело вино дополнето со неколку капки боја за храна, како црвено вино. Сите учесници, инаку студенти по енологија, требало да го опишат виното што го пијат. Во описот ги имало сите можни придавки, вкусови и ароми што им текнале на студентите, но ниту еден од нив не напишал дека тоа всушност не е црвено вино.

По ова, во друг експеримент тимот на Броше ја замени содржината на шишињата од евтино и скапо вино, и успешно го измами мнозинството од професионалните тестери кои учествуваа во истражувањето.

И покрај двата примера, не станува збор дека дегустацијата на вино е некаква претенциозна измама за богати, туку проблемот е во очекувањата.

"Очекувањето на искуството може комплетно да го промени начинот на кој ги интерпретирате информациите кои вашите (инаку објективни) сетила му ги испраќаат на мозокот. Во психологијата, комплетната објективност се смета за речиси невозможна. Сеќавањата, емоциите, околината и сите останати умствени елементи влијаат на секое искуство кое го добивате."

Истото она што важи за дегустирањето на вино, важи и за филм или слушање музика на нов систем преку кабли од 500 долари - дел од искуството ви доаѓа од внатре, дел доаѓа од надвор.

"Скапото вино е како и се останато што е скапо, очекувањата дека тоа ќе има подобар вкус прават тоа да има подобар вкус," пишува Дејвид МекРанеј, автор на книгата - You Are Not So Smart: Why You Have Too Many Friends on Facebook, Why Your Memory Is Mostly Fiction, and 46 Other Ways You're Deluding Yourself.

19 март 2013 - 21:33