59-годишниот Рандал Вилијамс од Флорида е уапсен и обвинет по неколку основи откако полицијата го фатила како ги сече кочниците на неколку електрични скутери за изнајмување оставени да лежат по тротоари и тревници. Потоа полицијата дополнително ги разгледува скутерите во околината на местото на апсење, и открива дека има уште најмалку 20 со исечени кочници, и сите тие се поврзани со уапсениот.
Вилијамс некаде пред изгрејсонце, опремен со ракавица (една), моторцангла и клешта за жица, се пуштал во потрага по електричните скутери, стандардно расфрлани насекаде низ населбите (таква е праксата, го активираш каде сакаш, го оставаш каде сакаш, па друг нека му ја мисли за собирање).
Само во полицијата на Форт Лотердејл (каде што е уапсен комшијата со клешти), од април 2019 пријавени се над 140 оштетени скутери, а најголемиот дел се во близна на живеалиштето на Вилијамс.
Уапсениот не дал дополнителна изјава или објаснување на полицијата одговарајќи „не сакам да се дозакопам“.