Сликата некаде уште од 1960-те виси во кујната во една куќа во близина на Париз. Додека сите овие децении ги впива вкусовите на најразличните манџи што таму се готват, никој од семејството не и обрнува какво било внимание на сликата. Сопственичката на куќата, сликата ја води како „некоја стара икона од Русија“.
Истата оваа „икона“ летово за малку не завршува во канта, кога сопствениците решаваат да ја празнат куќата од стариот мебел. Разликата во целата работа ја прави еден аукционер кој доаѓа да провери што има стар мебел во куќата за продавање.
Сликата во неделата беше ставена на аукција во Париз, и се очекуваше да биде продадена за 6 милиони евра. Последниот чекан беше удрен на 19,5 милиони евра, а откако на ова се додадоа манипулативни трошоци за аукцијата цената достигна 24 милиони евра.
Како што расте цената на сликата, аукционерот потсетува: „Повеќе нема да има ниту еден Чимабуе на аукција“.
Со оваа цена делото влезе во 10-те најскапи продадени стари уметнички слики.
Сликата толку време виси во кујната што 90-годшната сопственичка изјавила дека нема поим од каде доаѓа. Дополнителна анализа потврдила дека сликата е од 13-от век и е дел од еден поголем диптих, на кој на секоја од двете страни Чимабуе има исцртано по четири сцени. До сега само 11 слики изработени на дрво му се припишуваат на Чимабуе, и ниту една не е потпишана од него. Чимабуе, се смета за предок на италијанската ренесанса кој се одметнува од византискиот стил популарен во тој период.
На аукција се продадени уште 100 предмети од куќата, за вкупна цена од 6.000 евра. Остатокот од мебелот и украсите бил фрлен на локалната депонија.