За човек кој секогаш носеше фармерки и црна ролка и живееше во сосема обична куќа, малку чуди фактот дека покојниот гуру на Епл последниве 6 години меѓу другото работел и на дизајн на супер јахта, неодамна обелоденета во холандското пристаниште Аалсмер.
Јахтата е дизајнирана во соработка со Филип Старк, фамозниот француски дизајнер кој беше креативен директор на Пјер Карден и автор на најпознатиот цедалник на лимуни.
Освен по својата големина (долга е 80 метри), јахтата фасцинира со својот толку препознатлив џобсов изглед и на многумина им личи како хармонично купче Епл производи (Macbook Pro врз кој е ставен Ipad врз кој одмара iPhone).
Посебно впечатливи се деталите на јахтата на чиј изглед педантно работел самиот Џобс а во дизајнот на прозорците помогнал и првиот инжинер на Епл стор.
"Ова е јахта која не ја одразува вулгарноста на парите туку елегантноста на интелигенцијата," изјави Старк за Би Би Си.