Падот на секс сцените

Холивуд систематски се откажува од сексот во филмовите, за сметка на се повеќе насилство и животни што зборуваат.

Филмскиот аналитичар на компанијата Ипсос, Винсент Брузесе, кој ги анализира сценаријата на големите студија, објаснува дека рејтингот сериозно ја променил праксата на Холивуд.

"Секс сцените се пишуваа, без разлика на заплетот, за да се зачини трејлерот за филмот. Ама денес тие само ќе направат филмот да добие рејтинг за возрасни и ќе ја изгубиш младата публика. Денес таквите сцени, продуцентите ги бришат уште пред да почне снимањето."

Иако сексот се уште е присутен во филмовите, работата е што тој не е толку чест во оние филмови кои добро минуваат на кино благајните.

За споредба Shame (2011) филм што зборува за сексуална зависност и кој е преполн со секс, заработи едвај 4 милиони долари од кино влезници, додека Silver Linings Playbook (2012) кој го следи животот на еден поранешен секс зависник и во кој нема ниту една секс сцена заработи 127 милиони долари.

Последен филм што имал сериозна секс сцена и бил на првата позиција на бокс-офисот е Титаник, пред 16 години.

Додека филмовите полека се чистат од секс, тој се почесто се појавува на телевизија, благодарејќи на канали како ХБО, Шоутајм и АМЦ, во чии шоуа сексот претставува интегрален дел од приказната.

28 март 2013 - 11:35