Холивуд уште одамна знаел да поместува граници: 'Gentleman's Agreement' од 1947 година се конфронтираше со антисемитизмот, 'Guess Who's Coming to Dinner' (1967) се зафати со меѓурасните бракови, 'All in the Family' (1971-1979) со слободите на жената, а оригиналните Вил и Грејс (1998-2006) направија повеќе за нормализирањето на геј-браковите од многу извикани активисти.
И со негативците се чини немаше проблем. Повеќето од нив (Терминатор, Ханибал Лектор, Лордон Геко...) беа убер бели, WASP-овци, капиталисти.
Но потоа, во 2015 година, некој го смисли хаштагот #OscarsSoWhite и американската филмска академија, која е централен нервен систем на индустријата, мораше да редефенира како ќе ја тера работата. Идејата зад хаштагот доби на сила во 2016 и особено во 2017, со #МеТоо.
А потоа дојде случајот со Џорџ Флојд и од летото 2020-та сè што се случуваше бавно, почна да фаќа ненормална брзина.
Иако последните години Академијата, која денес има 8.469 члена со право на глас, вклучи рекорден број нови членови, кои се црни, латино, жени или родени надвор од САД, тоа повеќе не го задоволуваше разбудениот апетит.
Во септември 2020 година Академијата ја лансираше својата нова платформа за стандарди на репрезентативност и инклузивност. За еден филм да се квалификува за Оскари, неговите продуценти мора да наведат детални лични податоци за сите луѓе што биле вклучени во филмот, а самиот филм да задоволува минимум два од четирите стандарди за диверзитет.
После 2024 година филмовите што не ги задоволуваат овие стандарди нема да можат да бидат дел од трката.
Бранот го јавнаа и големите медиуми и продукции: Во CBS беше задолжително 40% од пишувачите да бидат од групата БИПОК (black, indigenous and people of color), а од годинава нивниот удел треба да биде 50%. ABC Entertainment има издадено детални коминикеа со „стандарди за инклузивност“, а слични „насоки“ имаат сите други студија.
За полесно да ги задоволат новите стандарди, режисерката Ава ДуВернеј (која неодамна се најде на листата на Форбс за „Најмоќни жени во светот на забавата“), заедно со Опра Винфри и Тејлор Свифт, лани го создаде 'ARRAY Crew', дата-база на жени, обоени луѓе и други недоволно претставени групи што работат на филмски продукции: линиски продуценти, камермани, аудиомиксери, сè што треба.
Над 900 продукции веќе го искористиле ARRAY, за да не бидат осомничени за премногу бело.
Многу луѓе во бизнисот приватно се иритирани од ДуВернеј и мислат дека го злоупотребува „пост Џорџ Флојд-моментот“, но никој не се осмелува јавно да ја критикува.
„Не сум луд јавно да кажам што мислам!,“ им признал еден сценарист на Питер Кифер и Питер Саводник, кои проговорија за ваквиот холивудски залез.
Тие разговарале со преку 25 сценаристи, режисери и продуценти - од кои сите се сметаат за либерали - и сите зборувале за истиот страв да ѝ се спротивстават на новата догма. Стравот господари не е само во високите ешалони на продукциите и компаниите како Нетфликс, Амазон и Хулу, туку на апсолутно секое ниво на продукцијата.
„Работата е дојдена дотаму што јас веќе не давам забелешки за сценариото ако треба да им ги дадам на жена или на обоен“, вели шоуранер, човек што ги надгледува продукциите и има креативна контрола врз процесот.
Многумина се прашуваат како да ја преживеат оваа „револуција“, која им донесе квоти.
„Така што ќе станеш нејзин упадливо гласен подржувач. Најдобар начин да се одбраниш себе од разбудените е да бидеш погласен и од нив, да ги надразбудиш,“ споделил искуство еден сценарист.
Хауард Коч е продуцентска легенда, кој зад себе има 60-тина филмови, меѓу кои Кинескиот кварт и Маратонец. Беше и претседател на академијата што дава Оскари:
„Мислам дека се отиде предалеку. Познавам многу талентирани луѓе што не можат да дојдат до ангажман само затоа што не се црни, домородни, жени или ЛГБТ.“
Прогресивноста и разбуденоста не ги тангира само новите продукции. Многу стари и легендарни филмови се под тивок бојкот затоа што не одговараат на 'стандардите на ова време'. Фрапантно е да се дознае дека на таква листа се наоѓа еден Тутси со Дастин Хофман (кој им боде очи на трансџендер-активистите) или пак Роки, затоа што негативецот не може да биде црн.
Најновата вест од овој и ваков советски Холивуд е дека на последниот голем сценаристички натпревар организиран од Final Draft (софтверот што таму сите го користат за пишување сценарија), од оваа година, покрај стандардните акција, драма, трилер, комедија.... постои уште еден жанр - диверзитет.
Да, диверзитетот станува филмски жанр! Очекувајте го наскоро на Нетфликс.