Холивуд ќе дава втора шанса

Најновата фора на Холивуд во борбата против немањето идеи е римејк на филмови чии оригинали биле комплетна утка.

Во основа станува збор за филмови кои е базираат на суперхерои, и за кои студијата се надеваат дека ќе можат да направат успешен бренд, кој би можел да им донесе еден тон пари.

Така "Judge Dredd" кој во 1995-та не ги донесе очекуваните резултати (во однос на пари) годинава ќе добие римејк кој треба да го позиционира Дред меѓу успешните стрип јунаци. Римејкот на (не така неуспешниот) "Total Recall," треба да излезе во август годинава, а во него на местото на Шварценегер главен лик ќе биде Колин Фарел. "Man of Steel" е римејк на комерцијално разочарувачкиот "Superman Returns," чија премиера треба да биде во јуни 2013.

Освен овие, Холивуд веќе работи на нови верзии на "Highlander" и "RoboCop", а се зборува и за продолжение на "Ghostbusters."

Сите овие се надеваат дека ќе успеат да го повторат успехот на Бетмен, кој по ужасниот "Batman & Robin" од 1997-ма, во 2005-та под раководство на Кристофер Нолан се врати со спектакуларниот "Batman Begins," и сега е претворен во еден од најпрофитните суперхерои во историјата на Холивуд.

16 јули 2012 - 09:57