Гал Гадот е платена само 300.000 долари за Вондер воман

Од тукашна перспектива 300.000 долари се пари и пари, од перспектива на "Џони Деп доби 35 милиони долари за 4-то продолжение на Пиратите" сумата наликува на бакшиш.

Дополнителен аргумент во споредбата со Деп е што Вондер воман на американските кино-благајни заработи повеќе отколку кој било филм што Деп некогаш го има снимано (човекот за Туристот и Мрачни сенки беше платен по 20 милиони долари од филм).

Овој пат не се работи за разлика меѓу машка и женска плата, ниту па разлика во брендови, бидејќи ова е најчестата сума со која актерите ја почнуваат својата супер-херојска кариера. На пример Крис Еванс за првиот филм за Капетан Америка заработи слична сума, и тоа беше повеќе отколку парите што ги заработија некои од неговите колеги од Авенџерс.

Слична плата како Гадот, за својот прв суперхерој извади и тогаш релативно непознатиот Хенри Кавил кој беше платен 6-цифрена сума за улогата на Супермен. Во истиот филм, далеку попознатата Ејми Адамс беше платена со 7-цифрена сума.

Не само што Гадот нема некое силно резиме пред потпишувањето со ДЦ комикс, таа го потпишува договорот за сите три филмови (Бетмен против Супермен, Вондер воман и Лига на правдата) во исто време и нема опција за преговарање на покачување на хонорарот меѓу филмовите. Според Вулчр, праксата во Холивуд е актерот да стави потпис на договорот уште за време на аудициите, за да не може да се ценка со студиото кога ќе дознае дека тој е во најтесниот избор за улогата на суперхеројот. Истиве овие договори ги потпишуваат и ликовите од Марвел.

Исклучок од овие правила се имиња како Роберт Дауни и Бен Афлек, за кои студијата прават отстапки за да ги приберат на своја страна.

На Гадот и останува со ДЦ комикс и Ворнер брос да го истера уште Лига на правдата, по што ќе може да ја преговара својата плата за следните продолженија.

 

21 јуни 2017 - 10:45