Тома Здравковиќ? Тоа е оној пејачот кој од школо имал само основно и курс за тракторист? Точно. Оној што се оженил три пати и на крај умрел без род и пород? Баш така. Оној што целото богатство го поарчил по кафани и казина за после него да остане само еден еднособен стан на Петлово Брдо? Потполно сте во право. Па зошто еден таков би заслужил текст? Па, госпоѓо, тешко е тоа да се објасни. Причината е повеќе или помалку бизарна: тој беше, знаете, најдобар.
Видите, неговата приказна започнува во селото Печењевац кај Лесковац. Бидејќи таму немало работа, мора да оди во град за да се прехрани. Ги работи најтешките физички работи, градежништво и слично. Извесен период аргатувал и во болницата во Лесковац, на паузите знаел да седне на скалите и да пее на цел глас. На крајот го забележале. Тоа беше еднаш кога не беше доволно да пукнеш пет-шест илјади марки па да се сними плоча. Требаше да се напише песна и да се отпее. А тој го знаеше и едното и другото.
Ако некогаш се најде историчар на популарната култура кому ваквите теми не му се под честа, веројатно ќе забележи дека дотичниот Здравковиќ своето прво појавување во јавноста го имал во раните седумдесетти години, во хотелот „Дубочица“ во Лесковац. Пееше пред Силвана, која подоцна му помагаше. Да, се работи за Силвана Арменулиќ. Не, госпоѓо, не е тоа певаљка како што ја викате, туку дама каква што што нема да станете за три животи. Без навредување, ве молам, такви се фактите.
Сосема сте во право, госпоѓо, неговите песни немаа некоја посебна уметничка вредност. Немаше ни школуван глас. Меѓутоа, и денес, после толку години, кога некаде ќе тргне неога песна, очи се навлажнуваат, раце се креваат, чашата сама се крши, а музичарот, „му ебам тоа ќемането“, добро се офајдува. Најниски пориви, зачадена крчма, одвратни мачо балкански алкохолни оргии? Можеби сте во право, но, како да ви кажам, некои луѓе сè уште сакаат да го осетат мирисот на душата, или барем да го слушнат нејзиниот глас. А Тома имаше душа, онаа која од среќата ткае тага. Балканците го сакааат тоа. Па и Џибран и Бодлер и кој сè не, пееле за пијанства. Што е па Тома полош од нив?
Можеби не сте знаеле, но во тие времиња, Здравковиќ се дружи со Мирослав Антиќ и Кемал Монтено. Во право сте, браќа по чашка. Генијални додуша, ама тоа денес не важно. Подобро да зборуваме за неговите љубови. Всушност, нема што многу да се зборува, тој сите убаво ги опеа. Знаете за онаа ТВ водителка. Убава жена, тогаш само такви пуштаа пред камери, дивоградби како денешниве не смееја ни да припарат на екран. Па втора, па трета... Но никогаш никоја туѓа, не бадијала ја препеа „Tu es la femme de mon ami“ на Масијас. Друго време беше тоа, некако поопуштено, поубаво. Ако баш сакате, Тома беше еден од оние кои го одбележаа.
Од каде толкава популарност и за време на живот а особено после смртта? Кој знае, можеби одговорот треба да се бара во тоа што спомнатиот кантавтор секоја своја песна ја доживеал, отпил и одболувал. Денес, овие опајдари на „Пинк“ пеат за шармот на селскиот живот, додека на проблематичните места им пукаат костими на Версаче. На ниедна на памет не би ѝ паднало да тркне до циганското маало во Лесковац и со денови да пее „за џ“. Тоа не им е ниво. Затоа имињата им се забораваат уште пред да се изговорат, а Тома се памети.
Урош Комленовиќ