Така говореше Мур. Роџер Мур.

За некои луѓе ти е криво што ќе ги нема макар заминале на завидна 89 годишна возраст. Така ни е за Роџер Мур, господин човек кому некогаш му замераа што изгледа преблаго за еден таличен агент на британската кралица. Ама на едно снимање како ќофте го има претепано Ли Марвин по што овој има изјавено „Го потценив, дечкото е карпа“. Роџер Мур, со зборови. Со свои зборови. 

За славата

„Нема ништо лошо во тоа да бидеш вечно познат како Бонд. Луѓето често ме викаат Г-дин Бонд кога сме излезени и тоа воопшто не ми пречи. Зошто би ми пречело?“

За неговата актерска техника

„Само треба да си ги погледнеш репликите и да ги кажеш без да се удираш од мебелот“

За талентот

„Верувам дека секој талент којшто го имам, секоја дарба, ми е само позајмена од некое вишо суштество“

За неговото воспитување

„Татко ми веруваше во строгост, чесност, љубезност и во тоа да бидеш на време. Сите тие се важни лекции“

За неговата интерпретација на Бонд

„Влегов во приказната откако ликот беше веќе добро поставен, и очигледно, не можев да го играм на истиот начин, па морав да смислам поинаков пристап. А сум по ’лајт’ актер отколку Шон (Конери)“

За работењето со Грејс Џонс

„Дали е забавно? Па ако се тргате настрана од нејзините нозе и од нејзината чанта, да“

За тоа зошто Бонд е нереалистичен

„Ситуациите во кои влегува Бонд за мене се толку неверојатни, толку глупи. Мислам, овој човек би требало да е шпион а сепак сите го знаат тоа. Сите келнери низ светот му нудат мартинија кои се протресени а не мешани. Каков е тој сериозен шпион кого го препознаваат насекаде?“

За правење мајтап во текот на снимањата

„Многу сум лош со Дезмонд Левелин кој го игра Кју затоа што тајно му ги менувам дијалозите пред сцената, и го терам режисерот да му даде страници со грозни технички работи кои е невозможно да се научат. И тој повторно паѓа на финтата. Секогаш го начекувам неспремен.“

За Даниел Крејг

„Тој е многу посуров Бонд. Мислам дека тоа го прави и пореален. Многу е добар во глумењето суровост. Навистина личи на убиец. Додека јас личам на остарен љубовник“

За неговата одлука да се откаже од Бонд

„Станав многу свесен дека предолго играм голем љубовник... Не дека некогаш ми требала Вијагра“

За пензионирањето

„Има стара изрека дека актерите не се пензионираат се’ додека им ѕвони телефонот. Зависи од тоа што може да прави еден стар џентлмен. Не можам да трчам наоколу и да изведувам акробации, па ако најдам нешто забавно што можам да го правам, многу би го сакал тоа“.

За смртта

„Мојот став за смрта е како влегување во соседната просторија, во која ние, останатите, не можеме да влеземе затоа што го немаме клучот. Но кога еднаш ќе го добиеме, ќе се видиме повторно таму, во некој облик или форма, или како и да е...“


 

24 мај 2017 - 12:30