„Децата се светост... За нив сè најдобро.... Барем тие нека проживеат... Тие се радост во куќата....За ништо да не се секираш сине додека сме ние тука....“
Постојаното слушање на овие зборови, кои како да се извадени од некоја детска песничка, ми дојде преку глава. И како на бившо дете и како на сегашен родител и како на иден дедо. Нели би било доволно само да ги сакаме нашите деца? Не ли е време да почнеме да се однесуваме кон нив малку повеќе човечки?
Лично, не би одбрал овој момент за да се родам. Име премногу љубов. Штом си добил датум на раѓање, веднаш стануваш кукла. Мама, тато, баби и дедовци. само на тебе чекале да почнат да ги задоволуваат своите нагони и комплекси. Те хранат додека не пукнеш. Те облекуваат во фармерки и капутчиња иако уште не знаеш да седиш. А ако си девојче, веќе во втората година ти ги дупнуваат ушите зашто омилената тетка наумила да ти купи едни златни обетки.
До третиот роденден играчките не ги собира во соба. До шестиот не ги собира ни во викендичка. Ден за ден те возат, те носат по продавници на детска облека, свраќате по ресторани и играчници. Посебно обдарените мајки спијат со децата до нивниот десетти роденден, сè додека тоа не почнува да влече на педофилија. А да, за малку ќе заборавев. Таблет! Мора да се има таблет. Пожелно и Ајфон. Од трета година. Зашто Марко има, а на Марко неговите имаат помалку пари од нас.
Пред училиштето завршува „периодот на куклата“ и започнуваат „поправки“. Тие прекрасни родители за првпат помислуваат дека некаде можеби се погрешило. Детето има вишок килограми, незгоден карактер, проблем со концентрација. Сега со истиот оној ентузијазам те водат по педагози, невропсихолози, само невролози, само психолози. Семејството очекува некое чудо кое ќе изведе волшебен пресврт а притоа ништо да не се менува во односот и воспитувањето на детето. На тие, во суштина езотериски обиди, се трошат куп пари, време и нерви. Резултатот е нула запирка нешто.
Кога залудноста на напорите стане очигледна, почнува фаза на „издишан оптимизам“ кога тие прекрасни родители почнуваат да ги мразат своите деца. „Ние за тебе сè, ти нам вака...“’ Кај едни родители тоа се манифестира како дефинитивна капитулација па детето се праќа во некое образовно школо од затворен тип а други родители во глава уште го верглаат филмот „тисинисè“
И кога ќе се помират дека „од овој нема да биде ништо“, оние родители на„тисинисè“ продолжуваат исто. Плаќаат за упис на факултет, подмитуваат професори, ги покриваат сите трошоци, купуваат стан, кола, со врски го пикаат на некоја работа. Ако „тисинисè“ не е баш нешто талентиран, се добиваат тешко сварливи плодови. Добиваме прилично исправен граѓанин ама психички осакатен. Лекувањето на раните здобиени од напливи на родителска љубов децата најчесто ги плаќаат со здравје, живот, душа....
Култот на детето во нашата цивилизација настана не така одамна, пред 50-60 години. Тоа е една прилично вештачка појава, исто како што е Дедо Мразот кој излегува од реклама на Кока кола. Децата се најсилното оружје за забрзување на потрошувачката трка.
Се разбира, тоа не значи дека децата порано не биле сакани. Биле и тоа како! Само што семејството не се вртело околу нив. Тие биле сакани но уште со првите изблици на свест знаеле дека се тие само дел од еден голем универзум кој се вика „нашата фамилија“. Дека постојат постари кои треба да се почитуваат и постојат помали за кои уште треба да се грижиме.
Денеска пазарот сервира модел изграден околу детето. Тоа е една губитничка стратегија која постои само за да изнуди пари од домаќинствата. На пазарот не му треба квалитетно поставено семејство бидејќи таквото семејство помалку ќе зависи од неговите производи и услуги. Од позиција на пазарот, идеален татко не е оној кој слободното време го минува со своето дете, се шета со него по парк, возат точаци... Идеалниот татко е оној кој нема баш слободно време бидејќи цело време работи.... за да има за два часа на Аквапарк.
Таквата љубов е еден вид егоизам. Мајчинство без усул, татковско поминато во трка по пари, сето тоа не е ништо друго освен игра на нагони, чиста биологија.
Една убава индиска поговорка вели: „Детето е гостин во твојот дом. Нахрани го, воспитај го и пушти го“.
Да нахрани умее секоја будала, да воспита - тоа веќе е малку потешко, но да се умее од првите Минути на неговиот живот по малку да се пушта од себе - тоа е љубов“.