Силата го возвраќа ударот

Вчера објавивме линк до статија од Хафингтон во која авторот наведува 40 (вака аматерски гледано) очигледни пропусти во приказната од последното продолжение од Ѕвездени војни. Денес се покајавме. (Нормално - спојлери!)

Прашањата на Сет Абрамсон во Хафингтон се од типот:
- Зошто е направено да изгледа како целата Република да е сместена во само еден соларен систем?

- Фин е небитен бивш чистач што дезертира од стормтруперите (кои ги има десетици илјади), а пак е сосема сигурен дека Првиот ред ќе го гони низ целата галаксија.

- Колку е само беден обидот на Хан да го разубеди својот син?

- Зошто Плут на Реј прво ѝ понуди 250 пати повеќе храна за ББ-8 отколку што вообичаено ја плаќа, за откако таа ќе одбие, тој да им нареди на своите луѓе едноставно да го украдат?

- Од каде му е на Кајло згмечената маска од Дарт Вејдер?

- Зошто Кајло поставува само еден стражар да ја чува Реј?

текстот на Абрамсон

----------

Реакцијата на ова стига од Мети Гранџер, и тоа под наслов: AT LONG LAST...MY "STAR WARS: EPISODE VII" REVIEW. THE FORCE AWAKENS & THE RISE OF IDIOT JOURNALISM.

Во текстот, прво го обработува авторот на статијата од Хафингтон, а потоа седнува и одговара на сите 40 прашања.

- Зошто е направено да изгледа како целата Република да е сместена во само еден соларен систем?
Ајде малку да го поедноставам ова за да можеш малку подобро да го разбереш. Во Соединетите Американски Држави има едно место што вика Вашингтон ДЦ...

- Фин е небитен бивш чистач што дезертира од стормтруперите (кои ги има десетици илјади), а пак е сосема сигурен дека Првиот ред ќе го гони низ целата галаксија.
И ослободи еден од најважните затвореници. И украде летало. И уби неколку десетици стормтрупери. И ја разнесе пистата за слетување. Да не спомнувам што помогна на Отпорот да му се врати дроидот за кој Првиот ред ја преврте целата галаксија да го најде. Освен тоа, не е чистач. Само да те потсетам. Пак.

- Колку е само беден обидот на Хан да го разубеди својот син?
Што? Затоа што му зборува како татко? Затоа што му понуди сè што му треба, вклучувајќи го и неговиот живот, во една од најдобрите и најнеизвесни сцени во целиот серијал? Да. Прилично бедно.

- Зошто Плут на Реј прво ѝ понуди 250 пати повеќе храна за ББ-8 отколку што вообичаено ја плаќа, за откако таа ќе одбие, тој да им нареди на своите луѓе едноставно да го украдат?
Уште не ја знаеме врската со Плут, ама гарантирам дека има. И тоа голема. Најверојатно дадени му се пари за по секоја цена да ја чува Реј на својата планета, а сепак да овозможи да преживее. Кога го здогледува дроидот, тој гледа закана и мора да дејствува. Првиот обид му е да ѝ понуди повеќе храна отколку што некогаш имала. Кога тоа не успева, ги праќа своите насилници.

- Од каде му е на Кајло згмечената маска од Дарт Вејдер?
Не е важно. Можам да смислам милиони начини како ова дошло во негови раце, како што сум сигурен дека може и кој било друг. Веројатно во скоро време ќе излезе дека одговорот е кажан во некој стрип за стормтруперите на Ендор. Прекинете да биде толку пицајзли. Смислете нешто со своја глава ако тоа толку ве мачи, бидејќи и не е толку важно.

- Зошто Кајло поставува само еден стражар да ја чува Реј?
Тешко ми е да замислам дека една 18-годишна девојка, зашрафена за стол, би требало да ја чува повеќе од еден стормтрупер, кој под својот оклоп е граден како Даниел Крег. Како ова е пропуст во приказната?

целата реакција на Гранџер

12 јануари 2016 - 14:09