Доаѓа така време кога животот ќе ти приушти дружење со замолчени умници, будали и фукара. Без никакви дилеми, една од потешките танталови маки е да се биде или не ситуацијата кога од тебе се очекува да нарачаш песна во кафеана. Најчесто се случува во таква деликатна ситуација да те доведе фукара која од тебе очекува да утнеш во драмскиот синопсис на дотогашната плејлиста. Можеби фукара е претежок збор ама такво музички ремплување може да ти се случи со дедото од жена ти, со свекрва, со шефот на магацинот или со референтката за продажбата од твојата работна организација.
Дедо ти можеби начул во присуство на неговото ќеркиче дека го глофифицираш Божо Вреќo па е решен да те дезинтегрира со љубезното потпрашање што уште слушаш.
Се гледате како Ли Ван Клиф и Клинт Иствуд, лицето се брчка, гадов те пржи со поглед и очекува да нагазиш на мина. Ти се грчиш ко црв, пробуваш да ги премоташ сите оние еурека моменти кои си ги преживеал ама единственото нешто на кое можеш да се сетиш е некој блокбастер од типот А ја сам негде рујно вино пио.
Сега си брат, во позиција на Старина Новак кога го малтретира младо Туре. Од тебе зависи дали ќе умееш да постоиш на тоа страшно место и дали на дедото ќе знаеш фигуративно да му го здробиш черепот и да избегаш во Романија.
Постојат повеќе начини на кои можеш да пробаш да се вратиш од оваа ситуација со три бода. Можеби најевтин е да посегнеш по неспорен авторитет (Шабан, Сафет Исовиќ, Вида Павловиќ). Ама тоа е како да кажеш дека дебелиот Роналдо или Мајкл Џордан се најдобри на сите времиња. Технички е тоа исправно ама не е претерано пристојно со тоа да мавташ наоколу.
Вториот начин, исто во чест на секој вид пенисометрија е да посегнеш по што поопскурна појава, надевајќи се дека противникот нема да го намириса твојот јаден блеф. Затоа, да бидеме реални, ниеден Хамид Рагиповиќ Беско или Жика Маринковиќ Шумац нема од тебе да направи ништо друго освен еден преплашен немач на поим.
Ни треба средниот пат. Нешто што има пар милиони прегледи на Тјуб за да го растераме тој псевдоелитистички смрад. Идеално е да биде некој интерпретатор кој успешно ја тренсцедира и урбаната метафизика и тврдата беља на село-град микрокосмосот, бидејќи, да повториме, во потрага сме по универзално оружје. Во оваа група, без ронка сомнеж спаѓаат тотемите на ибарскиот звук Миланче Радосављевиќ. Новица Урошевиќ и Зоран Јовановиќ, баш како и најпотценетиот гигант на фолк универзумот, Бора Спужиќ. Веќе ги слушам вашите дофрлувања како тука треба да се спомнат и Бајрамовиќ, Аличиќ, Демировиќ, Синан, Ипче... ииии за сите сте во право ама ореолот на вистинскиот апостол на кафаната и секое друго место на кое е тешко да се постои ќе ни го донесе само Саво Радусиновиќ!
Тешко е да се анализираат сите катови на тоа колосално чудо на народната музика. Во приземјето, родниот Титоград создал темели за авторитетно бавење со татковинско старокрајни прашања. Иако Саво првенствено се занимаваше со емотивни јадови, низ неговата синтакса константно се провлекува меланхолично чувство поврзано со релокација, патување и неможност за враќање. Благородното брдско-планинско потекло му дава на неговата господштина една стоичка нота. Додека темелот е копан во цврстиот варовнички терен, главниот дел на неговиот опус се наоѓа во неговиот „Белград“, не во Карингтонките на Бежанијска коса или во фенси гајбите за очајни домаќинки туку во срцето на Раковица. Од денешна перспектива е јасно дека раковичкото дно на кацата била одличен инкубатор на тврдата музичка мака на Саво. Кровот - да ја комплетираме оваа неимарска метафора - е изграден во српското Сакраменто. Во средината на 90-тите, неподготвен за опстанок во малото крокодолско базенче, се решава на печалба. За жал, Саво не успева да побегне и од подмолната болсет па во северна Калифорнија, во речиси комплетна медиумска тишина, го завршува својот животен пат во близина на Арко арената.
Што е тој таен сос кој од Саво прави некрунисан цар на емотивниот Вавилон? Тоа не е, како што е најчесто случај со боемските крунисани глави, ниту со алкохолна инфузија индуцираната кататонија, ни љубов кон автодеструктивни хобија, не е дури ни тeлесен хендикеп. Суштината е во толку реткиот талент своето делување да го проткае со вистина и љубов. Се работи за вечната кафанско-филозофска тропа за потребата човек достоинствено да се соочи со сите бељи на овој живот. Веројатно не постои изведувач, од која било родна ориентација, кој во своите песни не се бави со неподносливата тежина да се биде во кафeана. Во правец на кафанскиот танатос можат да ве одведат Новица, Тома, Синан, Вида, Светлана, да му се невиди, постојат мажи и жени на кои дури и Харис може да им шитне карасевдах, ама единствено Саво може на тоа тмурно место да понуди надеж, охрабрување и верба дека божјите маки имаат некоја повисока смисла.
Затоа, првата херувимска химна, во секој случај е Зовите ме господине. Наместо да паламуди како рујно вино пие, како бил пијаница или нешто слично од тоа портфолио на боемштина за почетници, Саво како класен раководител во демоде виолетово одело со прешироки рамења, нè води на рекреативна настава низ пејсаж кој го красат магловити дисфункционални врски, згужвани тикети под нозете и чувство на бесмисла во воздухот. Меѓутоа, во тој сумпорен крајолик, Саво не додава бензин туку ја слави индивидуалноста на секој хомосапиенс кој со добрина и фиљан карактер ги надминува неприликите во кои се наоѓа. Во неплатениот цех, со големо Ц, се сумира симболиката и динамиката на целата песна но јасно ко ден е дека Саво не ги бодри само оние кои се нашле во финансиски неприлики туку и сите оние кои се соочуваат со поапстрактната животна неликвидност.
Лесно е ничкум да се падне пред Синановите грандиозни рок ориентални музички кулиси кои Миле Бас со години грижливо ги обликуваше, или пред срцепарателните мотиви кои Перица Јовановиќ ги кроеше за Мама Вида. Она што е тешко е кога Саво ни умира пред нас во звучни пејсажи кои варираат од ибарски кирилични минијатури до андалузиски украси од кои не би се посрамил ни Тома. Да го земете на пример, запоставеното ремек дело Ко те ноћас милује по руци. Наведете ми еден пејач кој наспроти жовијалниот полка ритам успева во рефренот да детонира мегатони страдање мислејќи на едно столче во малиот кафиќ. И секое стакато на гудачите на тој безиемн конфекциски оркестар кој речиси весело му терцира, ни го пара срцето како жицата да ја мачи лично Аца Шишиќ. Тоа е моќта на сугестијата на Саво Радусиновиќ.
Без оглед дали повод е полнокрвната двојка на Кемиш во Немој никад скитницу да љубиш, потентната црнечка бас линија во Ти си жена коју лудо волим или кантри слајд гитарата во Љубави моје младости, плод на тој труд ќе биде мастерклас на херменевтиката на Саво. Кога ќе се излупат сите слоеви на кромидот, сите тие помалку или повеќе егзотични музички украси, останува Саво како суштина на народната музика. Суштина која е индиферентна кон вашиот пол, место на раѓање, нација или степен на стручна спрема. Саво е тешката оловна суштина на тој плајваз кој пишува со срце, јасно и без потреба за фолирање.
И баш затоа што е тежок за гентрификација, што не шуруваше со рокот, што не е ни интровертен ни вагабонд, што не интимизираше со познати или им угодуваше на опинион мејкери, баш затоа Саво треба да биде вашата пилула цијанид. Кога ќе ве задушат битангите, извадете ја Много сам те заволео, стиснeте плеј, затворете очи и бидете сигурни дека и вашите душмани ќе знаат дека имате душа со која сè на светов можете да позлатите.