Раскажува Марк Хејнс, денес сценарист од Лондон кој имал прилика да го запознае Роџер Мур кога имал само седум години:
Како седумгодишно дете во таа, чинам 1983 година, пред да измислат ВИП салони на аеродромите, се најдов со дедо ми на аеродромот во Ница. Одеднаш, го здогледав како чита весник. Му кажав на дедо ми дека штотуку го видов Џемс Бонд и го замолив да му отиде и да му земе автограм. Дедо ми немаше идеја ни кој е Џемс Бонд ни кој е Роџер Мур. Му отидовме заедно и дедо ми му рече: „Внук ми вика дека сте познат. Ќе може да му се потпишете?“
Тој со насмевка ме праша како се викам и со „сè најдобро“ желби ми се потпиша на авионската карта. Бев во транс, но, како што се враќавме на нашите места, погледнав и видов дека не се потпишал како Џемс Бонд туку како некој Роџер Мур. Немав идеја кој би можел да биде тоа. Комплетно се разочарав и му кажав на дедо ми дека Бонд го згрешил потписот и ставил нечие друго име. Се вративме и дедо ми му кажа што е проблемот.
Тој веднаш сфати како ми е, се наведна кон мене и тивко ми шепна дека морал така да се потпише за да не биде откриен од Блофелд (еден од клучните негативци во серијалот за Џемс Бонд - н.з.). Доверливо ми кажа никому да не кажувам дека сум го сретнал Џемс Бонд и ми заблагодари што ќе ја чувам тајната. Се враќав накај нашите места шокиран од среќа а на дедо ми му кажав дека сè е во ред, дека јас нешто сум згрешил. Во себе знаев - јас сега работам со Џемс Бонд!
Многу, многу години подоцна работев како сценарист на еден проект на УНИЦЕФ и го снимавме Роџер Мур како нивен амбасадор. Беше опуштен и шармантен со целата екипа а јас успеав да му ја раскажам случката од аеродромот во Ница. Ми одговори дека не ја памти ама дека му е драго што сум се сретнал со Џемс Бонд.
А после направи нешто брилијантно. Кога снимањето заврши и се собиравме, минувајќи покрај мене застана, погледна лево-десно, ја дигна едната веѓа и доверливо ми кажа: „ Се разбира дека ја памтам средбата во Ница. Не ти кажав ништо бидејќи мислам дека некои од камерманиве работат за Блофелд“.
На 30 години ме направи повторно да сум среќен како на 7. Каков човек. Каков неверојатен човек.“