Je suis - сè!

Социјалните мрежи донесоа модификација на познатото логичко-инаетџиско прашање: а зошто вие ги мачите црнците? Ви текнува дека така одговаравме на секое американско прашање за социјалистичката заостанатост, непостоењето на човековите права и слични прашања на младата (непостоечка) демократија.

Оваа логичка грешка денес се појавува во повеќе форми: зошто je suis Шарли, а не je suis Истанбул? Зошто РИП Принц, а не РИП деца од Пакистан? И тука дополни по желба.

Сфатив дека овие прашања страшно ме нервираат, а дека немам прав одговор за нив. Всушност имам. На прашањата зошто не... единствениот точен одговор гласи: затоа.

Затоа што луѓето не реагираат на случувањата според некој список, по бројки, ниту пак некогаш така ќе реагираат. Реакцијата, емпатијата, стравот, сочувството... ги покренува списокот, преку низ различни фактори. Некогаш тоа е блискоста, некогаш физичката близина, некогаш некој потполно спореден мотив. А најчесто страв, или некое слично, но силно чувство.

Не знам што очекуваат сите што ме прашуваат "а зошто не...". Да земам некоја листа на трагични случувања во светот, па на дневно ниво, или по испланиран тајмлајн да бележам РИП-ови или слични изјави на сочувство? Да заследам селебрити сајтови, па штом видам дека сум "минус" некоја ѕвезда одма да се фрлам на Јутјуб за да најдам некое добро видео, па шер на моите социјални мрежи?

Не го разбирам тоа. Мое е чувството, доживувањето и моето лично право да ме потресе трагедијата во редакцијата на францускиот сатиричен весник. Дали со тоа велам дека не ме интересираат жртвите на бомбашите самоубијци во Истанбул? Нормално дека не.

Мое право е да ме погоди смртта на Драган Николиќ. А не смртта на Дејвид Боуви. Или обратно. А и двете ме погодија.

Си дозволив грешка, самоцензура, заради која го премолчев заминувањето на Принц. Уметник со големо У, кого исклучително го ценам, чија музика ми годеше дури и кога не припаѓаше во жанровите кои ги сакам. Дали со простувањето од Принц би го навредил Мајкл Џексон? Дали сум за Шарли или за Пакистан? Дали сум само против Ал Каеда или сум и против Боко Харам?

Бесмислица.

Затоа :)

Александар Бојиќ

26 април 2016 - 13:53