Исповед на покаен рок сноб

Можеби ви се превртува стомак кога ќе го видите Десингерица како ја мава публиката со патика и им ренда сирење на глава, но крајно неправедно би било за тоа да ги обвините Тозовац, Цуне Гојковиќ или Синан Сакиќ. Свесен сум дека мојот естетски вкус и избор не ме прават интелектуално посупериорен, поблагороден, попродуховен од оној што слуша народњаци.

Речиси нема да не помине една седмица, а да не се слушне тажаленка од некој разочаран бумер за тоа како било многу подобро во старата Југа затоа што младите слушале рокенрол, додека денешниве деца масовно слушаат народњаци.

Една од најекстремните вакви изјави, која деновиве се шири на социјалните мрежи во вид на меме, е на Никола Врањковиќ, гитаристот и пејач на групата „Блок аут“, а буквално гласи вака: „Рокенролот е добар за вашето дете да не стане сељачиште на кокаин кој слуша народњаци а ќерката да не изгледа како проститутка од порно а има 14 години“.

Од овој цитат произлегува дека рокенролот е позитивна општествена вредност и цивилизациска придобивка што создава просветлено и еманципирано потомство, додека алтернативата, во форма на омразениот и примитивен фолк, произведува толпи пробисвети и лесни жени. Секако, Врањковиќ „заборава“ да спомене дека слушањето рок и имитирањето на стилот на живот на рок ѕвездите доведе до тоа многу млади луѓе да завршат со игла во вена, дека кокаинот бил едно од главните горива на многу рокенрол музичари и дека најголеми имиња, од Ерик Клептон до Ролинг Стонс и Ганс енд роузис му имаат посветено цели песни. Повеќето од главните ѕвезди на гранџот, со кој порасна мојата генерација, извршија самоубиство или се предозираа.

Тешко е да се занемари и фактот дека страшните масакри во граѓанските војни во поранешна Југославија ги извршија токму генерациите израснати на рок а не на народњаци.

Исто така, може да се каже дека најнегативните појави во денешниот фолк, од стајлингот и сценскиот настап до текстот на песните, генерално потекнуваат токму од рокот и воопшто од западната култура.

Можеби ви се превртува стомак кога ќе го видите Десингерица како ја мава публиката со патика и им ренда сирење на глава, но крајно неправедно би било за тоа да ги обвините Тозовац, Цуне Гојковиќ или Синан Сакиќ.

Потребно е доволно музичко образование да се сфати дека тоа е епилог од процесот кој започна со нишањето на колковите на Елвис, продолжи со Битлси и Ролинг Стоунс и нивните двосмислени песни кои ги величеа дрогата и промискуитетот, а доведе до тоа Ози Озборн да гризе лилјак на сцената а Мерлин Менсон да му изведува фелацио на својот гитарист за време на концертот. Дионизиската природа на рокенролот отсекогаш поттикнувала хедонистички ексцеси и развратно однесување како начин за канализирање и ослободување на сексуалната енергија и деструктивните импулси.

Мистерија е само како дојдовме до таму рокот да се смета за висока култура, речиси на ниво со класичната музика, која кај неговите консументи буди снобовско чувство на припадност кон некаква културна елита.

Да нема забуна, јас сè уште го сакам и го слушам рокот од мојата младост, исто како што сакам и хамбургери и помфрит, само што сум свесен дека тоа не е, од нутриционистичка гледна точка, баш најздравиот можен оброк. Свесен сум и дека мојот естетски вкус и избор не ме прават интелектуално посупериорен, поблагороден, попродуховен од оној што слуша народни песни.

*******

На глобално ниво, рокот исто така доживеа фијаско, отстапувајќи го местото на хип-хопот и електронскиот поп и денс како најпопуларни жанрови. Брус Спрингстин и Металика сè уште полнат стадиони и арени, но нивната публика сега е составена главно од пензионери и средовечни луѓе. Но, таму тоа се третира како нормална појава, како последица на исцрпувањето на творечкиот потенцијал на жанрот и цикличното менување на музичките правци, а не како крај на светот и повод за патетични лелекања.

Нашите деца денес исто ги слушаат сите актуелни странски хитови, но, ми се чини, без идеолошкото оптоварување на кое беше склона нашата генерација. За нив тоа е само музика, во суштина ефемерна работа, целосно рамноправна со домашната музика од ист вид, нешто со кое се забавуваат и снимаат тик-токови, а не некое животно кредо кое ги дефинира како личности.

Како некој што ја потрошил својата младост на рокот и на сите заблуди што одат со него, можам само да го поддржам во таквиот став.

Марко Танасковиќ

8 октомври 2024 - 14:14