Отец Пимен на Фејсбук го напиша следново:
Малку подолг статус. Можеби малку и чудна идеја, но сепак прочитајте, размислете, споделете или отфрлете...
Само што се вратив во канцеларија по завршувањето на светата лутургија по повод свети Климент. Отворив компјутер и на off.net.mk наидов на еден клип во кој што навивачите на еден хокеарски клуб го прославија голот на своите миленици со фрлање на 28.815 плишани мечиња. Пишува и дека овие мечиња потоа се собираат и се делат на околу 60 добротворни организации.
Срце ми се стопи од милина.
Па размислувам.
Следен поголем празник на кој ќе се наполнат нашите храмови ќе биде свети Николај. А нели св. Николај бил познат по своето човекољубие и милосрдност кон сиромашните, кон сираците, кон вдовиците, па дури и Дедо Мраз му го украл идентитетот. Неговиот празник е на 19.12. непосредно пред нова година.
Ми падна идеја да пратам еден апел до сите вас до кои допира мојот глас, моето размислување.
Како ви се чини на тој празник годинава наместо да носиме масло, крпи, чорапи и триста разни дарови, секој од нас да купи по една плишана играчка и неа да ја дарува во црквата, а потоа сите тие играчки да се соберат и да се поклонат предновогодишно на децата во детските домови и специјалните училишта...
Верувам поголема ќе биде радоста на децата со играчките, а и нашата на свештенството, ако ја реализираме оваа идеја, отколку да ги наполниме црковните магацини со разни дрангулии.
Јас кажав и ќе однесам плишано мече во црква тој ден, а вие постапете според вашата совест, според вашата хуманост, според вашата вера, според вашето милосрдие и според вашиот буџет.
Сепак Господ Бог нема да ги заборави овие деца, ако не преку нас ќе им даде радост преку некој друг.
Ќе повторам, сепак е убаво да бидеме и сите ние дел од оваа радост.
Нека е за многу години св. Климент и св. Николај кој набргу ќе го прославуваме.