Паниката околу мобилниот на Трамп

Пред некое време пишувавме дека од ноември годинава во пакет со позицијата Претседател на САД, заедно со Белата куќа и нуклеарните шифри доаѓа и непробоен (за хакирање) Андроид изработен од Боинг, а дополнително обезбеден од американската војска. На сметка на огромна нервоза на секоја можна безбедносна структура во САД Трамп одлучи да продолжи да го користи својот Самсунг смартфон.

Њујорк тајмс објави дека Трамп „се обидува и не успева“ да го замени својот смартфон со неспоредливо побезбедниот што му следува со позицијата. Ваквата пат-ситуација се доживува како директна закана за САД поради свесноста на одговорните колку смартфоните за широка потрошувачка се лесни за хакирање и упаѓање. Опасноста е дека освен што некој би можел да го следи Трамп, би можел да ги собере сите негови контакти, да слуша сè што збори, да го лоцира каде е во секој момент и сè што може да замислите од оваа сфера.

Верџ разговараат со експерт за компјутерска безбедност околу тоа каква е реално заканата. Откако разговараат, истиот овој експерт им демонстрира зошто сите се испаничени околу Самсунгот, со тоа што упаѓа во смартфонот на еден од продуцентите на Верџ.

Во овие над десет години што работиме на интернет преку монитор ни имаат пројдено секакви видови незамисливи и ужасни содржини, но ретко што ќе те стане од столче како видео од некој што упаѓа во туѓ смартфон.

Видеото што нè извади од памет:

 

6 февруари 2017 - 10:04