Смартфонот на претседателот (што Трамп веројатно уште не сака да го користи)

Телефонот се базира на верзија на Андроид изработена од посебна програма на американската војска, а уредот го произведува Боинг (да, Боинг со авионите).

Моделот на телефон е Боинг Блек, кој инаку се продава како високо безбеден смартфон. И вака обезбедената верзија на Блек е дополнително модификувана, за уредот да добие сертификат дека може да се справува со податоци што се државна тајна. Безбедносниот „апгрејд“ на телефонот го прави ДИСА (Defense Department Information Systems Agency) со помош на Боинг и други партнери. Телефон доаѓа „заедно со канцеларијата“ на Претседателот.

ДИСА-уредот е резултат на нивната програма за Капацитетот на класификуваните податоци на мобилните уреди. Програмата користи „комерцијално достапни мобилни уреди (смартфони и хотспот уреди) и комерцијални компоненти на мобилна архитектура“ како комерцијални виртуелни мрежи. Според нивните информации, телефонот е „одобрен од НСА“, а наскоро се очекува да има и способност за комуникација „строго доверливо“ ниво.

Од 1 ноември, ДИСА-телефонот го имаат тогашниот претседател Обама и првиот човек на сајбер-командата на САД, адмиралот Мајк Роџерс. На прашањето дали на Трамп му имаат дадено телефон, од ДИСА одговориле само дека „телефонот оди со позицијата“.

Според документите за телефонот што Боинг ги има поднесено пред ФЦЦ, станува збор за уред базиран на Андроид, со две СИМ-картички, со способност да се префрла меѓу цивилна и доверлива мобилна мрежа, и ги поддржува стандардите ВЦДМА, ГСМ и ЛТЕ со 3Г.

Технички спецификации на фабричкиот Боинг Блек

 

Една од најважните и најпознати функционалности на уредот е што ако пробаш недозволено да влезеш во него, тој започнува постапка за комплетно бришење на сите податоци и софтверот, со што уредот станува неупотреблив. На самиот уред речиси и нема никакви податоци, што значи дека тој постојано се поврзува на друг компјутер каде што е сместено сето она што им е потребно.

Последните информации на американските медиуми се дека Трамп сè уште го користи својот регуларен Андроид смартфон и се нема префрлено на ДИСА-телефонот.

28 јануари 2017 - 11:57