Уделот на Хуавеи во продажбата на смартфони во Кина порасна за една третина и изнесува рекордни 38%, додека во исто време неговите конкуренти како Епл и Шаоми бележат пад.
Новостекната наклонетост на домашниот пазар му врши доста работа на Хуавеи во покривање на минусот што му се создава во странство заради проблемите со САД. Вон Кина продажбата на Хуавеи има пад на речиси сите големи пазари, вклучувајќи ја Европа, Блискиот Исток и Југоисточна Азија. На пример во Британија испораката на Хуавеи во јуни е намалена за 80% во однос на април.
Од помош за Хуавеи се и патриотски кампањи започнати од останати кинески компании. На пример, голем производител на масла за подмачкување на сите свои вработени им ветува субвенции доколку се префрлат од Ајфон на Хуавеи. Други компании ги наградуваат сите свои вработени што користат Хуавеи телефон.
Американската блокада на Хуавеи, која привремено олабави, не би можела да му направи многу штета на брендот на домашен пазар, колку што би можела да му направи хаос низ светот. Освен делови, блокадата го опфаќа и правото на Хуавеи да користи Андроид и сервиси на Гугл како Мапс, меил и пребарување. Кина има забрането најголем дел од сервисите на Гугл што се дел од Андроид, а за другите има сопствени попопуларни алтернативи, па Хуавеи би можел да мине и без нив. Меѓутоа неможноста да се користат истите тие сервиси, би значело колапс за продажбата на Хуавеи низ светот.
Продажбата на уреди за корисници учествува со 55% во приходот од 58 милијарди долари што компанијата го направи во првата половина од годинава.
Во првата половина од годинава Хуавеи има испорачано 188 милиони смартфони, што е 24% повеќе споредено со минатата година.